fbpx

Освежениот VW Arteon пристигна со нова Shooting Brake верзија

Volkswagen официјално го претстави редизајнираниот Arteon и целосно новиот Arteon Shooting Brake, а двете варијанти ќе добијат и plug-in хибриден погон

Освежениот Arteon е веднаш препознатлив на прв поглед, со суптилно освежен преден дел кој содржи нова светлосна лента која визуелно се поврзува со предните светла. Иако лимитирани, промените вклучуваат и измени на маската, браникот, отворите за воздух, како и хромирани детали. На задната страна се наоѓаат нови светла, дополнителни хромирани детали и поспортски издувен систем со нов заден дифузор.

Секако, најголемата промена е додатокот на новиот Arteon Shooting Brake. Станува збор за практичен и спортски модел кој всушност претставува караванска верзија со капацитет на багажникот од 1.632 литри кога задните седишта се собрани, што е 75 литри повеќе од стандардниот модел. Arteon Shooting Brake се најавуваше подолго време, а сега овој новитет е конечно претставен.

Arteon

Кога станува збор за внатрешноста, тука е ревидираниот 10,3-инчен кокпит за „уште поголемо чувство на ексклузивност“. Промените се скромни, но исто така вклучуваат нов управувач и унапредена централна конзола со „слајдери“ на допир за контрола на автоматскиот клима-уред. Тука се и променетите отвори за воздух, како и нов MIB3 инфозабавен систем кој доаѓа со поддршка за Android Auto и Apple CarPlay. Останатите детали вклучуваат и амбиентално осветлување во 30 различни бои, бежичен полнач за телефони и 700-ватен harman/kardon премиум аудио систем.

Arteon добива и plug-in хибриден погон

Освежениот Arteon добива и опционален Travel Assist систем кој овозможува делумно автономно возење при прзина од 0 до 210 километри на час. Понатаму, задната камера сега има поширок поглед и прикажува поширока слика на инфозабавниот систем од 90 на 170 степени.

Во палетата на мотори се наоѓаат 2.0 TSI бензинец со 190 КС, како и 2.0 TDI дизел мотори со 150 и 200 КС. Исто така, тука е и целосно новиот plug-in хибриден погон кој ветува долг чисто електричен домет. Volkswagen остана таинствен со спецификациите, но потврди дека овој систем ќе испорачува 218 КС. Plug-in хибридниот погон е комбинација на 1,4-литарски TSI турбо бензинец и електромотор, батерии од 13 kWh и електричен режим од 56 километри.

За оние кои сакаат повеќе перформанси, тука е и спортскиот Arteon R. Овој модел доаѓа со 2,0-литарски TSI турбо бензинец кој рапсолага со 320 КС и 420 Nm максимален вртежен момент. Моторот е во комбинација со седумстепен DSG менувач со двојна спојка и погон на сите четири тркала со R-Performance Torque Vectoring технологија. За Arteon R е предвиден и спортски подесен систем на потпирање, поголеми алуминиумски тркала, аеродинамичен пакет, предна маска со R лого, хромирани куќишта на ретровизорите, како и изменет ентериер со спортски седишта и управувач. Volkswagen Arteon R исто така ќе добие и своја Shooting Brake форма.

Поврзани вести

Back to top button