fbpx

Освежената Ford Fiesta пристигнува со неколку новини

Ford го претстави освежениот опсег на Fiesta која пристигнува со неколку новитети за 2022 моделската година

Ford Fiesta добива сериозно освежување за 2022 година, а „Синиот овал“ подготви неколку новитети, при што сите варијанти на моделот добиваат визуелни подобрувања, стандардни LED фарови и уште повеќе технологии во ентериерот, а притоа ја задржува конфигурацијата со три врати, која продолжува да опстојува крај хечбекот со пет врати.

Покрај обичната Fiesta (Trend, Titanium), освежување добија и спортската ST-Line, авантуристичката Activе, чистокрвниот ST хот хеч, како и комерцијалната верзија на возилото. Седмата генерација на Ford Fiesta беше претставена во 2017 година и доби серија унапредувања во 2020 година, вклучително и благо-хибридниот EcoBoost мотор, конективност и неколку безбедносни карактеристики. Овојпат, Ford подготви фејслифт со цел да ја одржи Fiesta свежа и атрактивна во однос на конкуренцијата.

Забележливи промени

Како што е и вообичаено при унапредувањата на средина од животниот циклус, освежената Fiesta е инстантно препознатлива, но уште на прв поглед се забележителни промените на предниот дел. Новиот браник има значително поголема решетка и е обиколен со зголемени отвори за воздух. Секоја варијанта има уникатен изглед, а ST-Line и ST добиваат сличен спортски третман, додека Active го задржува кросовер изгледот и страничните прагови, како и дополнителни хромирани елементи.

Ford не ги прикажа „обичните“ Trend и Titanium варијанти кои добиваат сјајни хромирани рамки за решетката и помали странични отвори. Променетите LED фарови сега се стандардни низ целиот опсег, а како опција се нудат опционалните Matrix LED единици кои добиваат Glare-Free High Beam.

Ford Fiesta

Профилот изгледа идентично покрај седумте нови дизајни за тркалата, вклучително 17 и 18-инчните фелни, како и двете нови бои за екстериерот (Boundless Blue и Beautiful Berry. На задниот дел, единствената разлика во однос на претходно се задните светла кои сега се опкружени со црна боја и опционалните LED со Premium Black надворешен финиш.

Кога станува збор за Vignale, кое е посебно, премиум ниво на моделот во заминување, сега е трансформиран во пакет кој може да се комбинира со Titanium, ST-Line и Active нивоата, покрај X варијантите.

Унапредување на внатрешноста

Во внатрешноста се наоѓа 12,3-инчен дигитален инструмент кластер кој ги менува боите и изгледот според селектираниот возачки режим. Кога станува збор за истиот, обичната Fiesta има Normal, Sport и Eco режими, со дополнителни Trail и Slipperu режими за Active, како и специјален Track режим за ST.

Осум-инчниот централен екран на допир го поседува унапредениот SYNC 3 инфозабавен систем кој добива навигација, гласовни команди, компатибилност со Apple CarPlay и Android Auto, како и новиот Rear Occupant Alert. Со користење на стандардниот FordPass Connect модел возачот може да го стартува, отклучи или заклучи автомобилот од далечина преку својот паметен телефон, а притоа има пристап до податоците за автомобилот. Ford исто така додаде и подлога за бежично полнење на централната конзола. Тука е и B&O аудио системот со 10 звучници и интегриран субвуфер, како и 575-ватен Digital Signal Processing Amplifier.

Безбедносната опрема е унапредена со додавање на Wrong Way Alert кој може да ви помогне да ги забележите No Entry знаците на автопатите со звучни и визуелни предупредувања. Меѓу остантите системи, тука се и адаптивниот темпомат со Stop & Go, информациски систем за слепа точка со Cross-Traffic предупредување, помош за одржување на сообраќајна лента, активен асистент за паркирање и систем за препознавање на знаци за брзина.

Само бензинци и благи хибриди во понудата

Опсегот на мотори стартува со 1,0-литарскиот турбо EcoBoost трицилиндричен мотор кој испорачува 100 КС. По ова следува електрифицираниот 1,0-литарски EcoBoost Hybrid со 48-волтна блага хибридна технологија кој е достапен со две системски моќности од 125 и 155 КС. Првиот може да се комбинира со шестстепен мануелец или седумстепен менувач со двојна спојка, додека вториот е достапен само со рачен менувач.

Ford Fiesta

ST варијантата е опремена со унапредениот 1,5-литарски турбо EcoBoost трицилиндричен мотор од Puma ST. Моторот ги испорачува истите 200 КС, но со 320 Nm максимален вртежен момент. Моќноста се испраќа на предните тркала преку шестстепен мануелен менувач со помош на опционалниот Quaife механички диференцијал со ограничено пролизгување. Спринтот од нула до „стотка“ се достигнува за 6,5 секунди.

Покрај спортскиот боди кит, двојниот издув на дифузерот и 17-инчните тркала (како опција се нудат 18-инчни со темен Magnetite финиш), Ford исто така ја претстави и новата Mean Green боја за Fiesta ST. Во внатрешноста се наоѓаат сет ревидирани Performance седишта со подобра поддршка, интегрирани потпирачи за главата, премиум Sensico трим кој се одликува со црвени конци и 14-насочно подесување. Управувачот со рамно дно и карбонската фолија на контролната табла ја засилуваат спортската атмосфера во возилото.

Првите испораки на освежената Ford Fiesta се очекуваат на почетокот од 2022 година во Европа.

Поврзани вести

Back to top button