Освежениот Peugeot 3008 пристигна во Македонија
Peugeot го освежи својот SUV модел 3008, a истиот сега пристигна и во Македонија во продажно-изложбениот салона Еуроимпекс
![Peugeot 3008](https://avtoplus.mk/wp-content/uploads/2021/02/peugeot3008naslovna-780x470.jpg)
Во продажниот салон на Еуроимпекс, официјалниот импортер на Peugeot во Македонија, пристигна освежениот SUV 3008. Авто Плус доби можност одблиску да се запознае со еден од бестселерите на францускиот бренд, а во прилог ви ги пренесуваме нашите први впечатоци.
Peugeot 3008 во својата досегашна „кариера“ успеа да го најде патот до 800.000 купувачи, а француската компанија со новото освежување сака да го задржи тој тренд. Освежувањето на 3008 се базира на три клучни елементи, а тоа се стилот, унапредувањата на кабината со уште повеќе технологија, како и почисти и помоќни погонски единици. На средина од својот „животен век“ 3008 го доби своето освежување, а највпечатливата промена кај францускиот SUV се наоѓа на предниот дел кој го следи дизајнерскиот јазик на најновите 208 и 2008 модели.
Пред се, тоа се однесува на предниот дел каде се поставени новите LED светла, а решетката доби нов дизајн, како и трите нови отвори за воздух. Особено импонира начинот на кој се интегрирани светлата и предната решетка. Силуетата е задржана, но благодарение на променетиот преден дел, сега се добива поагресивен и поспортски впечаток. На задната страна се наоѓаат унапредените светлосни групации кои се со Full LED технологија кои ги прикажуваат 3D „лавји канџи“. Освежениот Peugeot 3008 добива и две нови бои – Celebes Blue и Vertigo Blue – кои се во понудата со актуелните бои. Тука е и новиот Black Pack кој ќе се нуди со GT и GT Pack.
Освежен ентериер и три погонски верзии
Ентериерот се соочи со нешто поскромни промени, а новина е централната конзола и панелите на вратите. Новинтет е поголемиот инфозабавен систем, кој сега има 10-инчен екран на допир, но и новиот Peugeot i-Cockpit со 12,3-инчен дигитален инструмент кластер. Под централниот екран се поставени седумте „пијано“ копчиња за радиото, клима-уредот, сателитската навигација, поставките на возилото, телефон, мобилни апликации, а хибридната верзија ќе има посебно копче за пристапување до електричните функции на возилото. Тука е и новата Night Vision технологија за подобра прегледност при ноќно возење.
Peugeot 3008 може да се набави со PureTech турбо бензинец, BlueHDi турбо дизел или пак plug-in хибриден погон. PHEV моделот пристигнува со специјално прилагоден Peugeot i-Cockpit со екран кој овозможува прегледност на конкретните информации за возење.
Во понудата се две PHEV верзии, едната со 225 КС и погон на предните, а втората со 300 КС и погон на четири тркала. Електрифицираните варијанти добиваат три возачки режими – Electric, Hybrid, Sport. Кога станува збор за бензинските PureTech мотори, купувачите можат да изберат меѓу 1,2-литарскиот трицилиндерски мотор со 130 КС, или 1,6-литарскиот четирицилиндерски мотор со 180 КС. Помоќниот е достапен единствено со осумстепен автоматски менувач. Дизелите се застапени со BlueHDI со 1,5-литарскиот четирицилиндерски мотор со 130 КС.
Повеќе информации можете да добиете на официјалниот веб сајт на Peugeot во Македонија, или во продажниот салон на Еуроимпекс.