fbpx

Освежениот Tipo седан и новиот Tipo Cross во салонот на Fiat

Новиот Fiat Tipo Cross, заедно со освежениот Tipo во седан каросериска изведба пристигнаа во продажниот салон на Fiat во Македонија

Fiat неодамна одлучи да ја освежи поставата на Tipo, а како новитет во понудата влезе и целосно новиот Tipo Cross кој е кросовер изведба на традиционалниот хечбек. Новиот Tipo Cross, заедно со освежениот Tipo седан ги забележавме во продажниот салон на Fiat во Скопје, а она што успеавме да го забележиме преку нашиот објектив ви го пренесуваме тука.

Tipo Cross

Да започнеме со Tipo Cross, со кој Fiat го следи трендот во Европа и во понудата на Tipo сега внесува и кросовер варијанта, покрај веќе традиционалните хечбек, седан и караван изведба. Наменет пред се за оние помладите, поради својот робусен, спортски и агресивен изглед, Tipo Cross добива и неколку елементи по кои ќе биде карактеристичен и препознатлив. Покрај новите LED предни светла, тука се променети и решетката и браникот во однос на останатите верзии, но и новиот FIAT натпис кој пристигнува и кај останатите освежени примероци, а со оглед на тоа дека е кросовер, очекувано пристигнува и со повисоко адаптиран систем на потпирање. На задниот дел се истакнуваат LED светлата заедно со дифузерот кои му даваат еден поспортски изглед на автомобилот. Tipo Cross е поставен на 17-инчни тркала.

Tipo Cross

Под хаубата се наоѓа новиот 1,0-литарски трицилиндричен бензински мотор кој испорачува 100 КС и 190 Nm максимален вртежен момент. Ова е значителен напредок во однос на досегашниот 1,4-литарски мотор кој испорачува 95 КС и 127 Nm вртежен момент. Кога станува збор за дизелските мотори, тука е унапредениот 1,6-литарски Multijet мотор кој сега произведува 130 КС, што е подобрување за 10 КС. Купувачите исто така можат да се одлучат и за верзијата со 95 КС.

Tipo Cross

Tipo седан

Кога станува збор за Tipo седан верзијата, тој пристигнува исто така со неколку новини, а целта на италијанскиот производител е да го продолжи животниот век на својот претставник во C сегментот.

Почнувајќи со екстериерот, освежениот Tipo пристигнува со ревидирана предна решетка која сега се одликува со карактеристичен „Fiat“ натпис. Решетката е опколена со нови LED предни светла кои ја зголемуваат прегледноста. Дополнителните промени се лимитирани, но моделот добива и ревидиран преден браник, како и дополнителен хромиран трим. Освен тоа, на задниот дел се и новите LED задни светла, како и рестилизираните тркала од 16 и 17 инчи.

Освежувањата и промените продолжуваат и во внатрешноста. Рестилизираниот Tipo се карактеризира со 7-инчен дигитален инструмент кластер и 10,25-инчен Uconnect 5 инфозабавен систем. Возачот исто така пред себе ќе најде и унапреден и нешто помал управувач од претходно. Кај Tipo Cross вреди да се истакнат и седиштата кои се прекриени со специјална прекривка со Cross обележја.

Tipo Cross

Конкретните модели кои ги забележавме во салонот на Fiat имаат почетна цена од 16.500 за Tipo Cross, односно 11.490 за Tipo седан верзијата.

Поврзани вести

Back to top button