Pagani Huayra Tricolore во чест на Frecce Tricolori

Pagani го претстави новиот Huayra Tricolore, нова исклучително ограничена серија на италијанскиот хиперавтомобил во чест на Frecce Tricolori

Frecce Tricolori е најголемата летечка аеробатска патрола на светот, позната по своите воздушни акробации, а годинава слави 60 години постоење. Во таа чест, Pagani претстави нов Huayra модел кој ќе пристигне во исклучително ограничена серија, а го носи суфиксот Tricolore.

Ова не е прв пат Pagani да оддаде почит на аеробатскиот тим на италијанските воздушни сили, со оглед на тоа дека истото го направија и во 2010 година, кога Frecce Tricolori славеше 50 години постоење, а за таа цел беше претставен уникатниот Zonda Tricolore.

Исто како и својот претходник, така и новиот Pagani Huayra Tricolore ќе биде изработен во само три примероци, секој со цена од 5,5 милиони евра без даноци.

Најновата специјална едиција на Pagani Huayra се карактеризира со нова каросерија инспирирана од леталата на Frecce Tricolori, моделот Aermacchi MB-339A P.A.M. Фокусирајќи се на аеродинамиката, новиот Huayra Tricolore се карактеризира со понагласен преден сплитер со целосно нов аеродинамички профил за максимален аеродинамичен потисок, кој одлично се вклопува со новиот преден браник со странични екстрактори дизајнирани за да се максимизира ефикасноста на интеркулерот.

Pagani Huayra Tricolore

Тука е и новиот отвор за воздух кој овозможува уште поголем проток на студен зрак директно во битурбо V12 моторот. Задниот дифузер исто така е оптимизиран додека новиот спојлер е целосно интегриран во задниот поклопец (clamshell) и помага во достигнувањето на перфектен аеродинамичен баланс, компензирајќи за зголемениот аеродинамичен потисок на предната страна.

Дизајн инспириран од аеронаутиката

Најинтересната карактеристика на новиот Pagani Huayra Tricolore сепак се наоѓа на центарот на предната хауба, каде се наоѓа Питотова цевка, инструмент кој се користи во авионите за да се измери макроскопската воздушна брзина и да се одреди нивната аеродинамична кондиција.

Pagani Huayra Tricolore

Со оглед на тоа дека е модел кој е инспириран од авијацијата, новиот Pagani Huayra Tricolore е финиширан во специјална „униформа“, карактеризирајќи се со италијанската тробојка на долж целите страници на автомобилот. Оваа графика се издолжува до кластерите на задните светла и се комплементира со сината карбонска боја.

Тука е и новиот сет на алуминиумски тркала со турбински дизајн и нови анодизирани алуминиумски рамки за страничните отвори за воздух.

Pagani Huayra Tricolore

Најновата верзија на овој битурбо V12 моторот кој Pagani го набавува од Mercedes испорачува 840 КС и 1.100 Nm максимален вртежен момент. Пристигнува во комбинација со седумстепениот секвенцијален менувач со електромеханички диференцијал. Шасијата е направена од Carbo-Titanium и Carbo-Triax на Pagani. Со тоа се добива значително подобрување во крутоста, додека геометријата на системот за потпирање, електронски контролираните амортизери и активните аеродинамики се гаранција дека Huayra Tricolore ќе има исклучителни перформанси во било кои услови.

Ентериерот на Pagani Huayra Tricolore останува еден од најспецијалните во индустријата, а новиот Tricolore го прави уште поспецијален. Седиштата се во ексклузивна двобојна комбинација на сино и бело, со кожни инсерти во бело, црвено и зелено. Најголемата промена е додатокот на анемометар на контролната табла, кој работи со надворешната Питотова цевка за да ја прикажува воздушната брзина.

Поврзани вести

Back to top button