НАСЛОВНАСАЕМИ

Париз 2018: Renault Kadjar во ново освежено издание

По успешната продажба од 450.000 примероци за помалку од три години, актуелниот Kadjar доби и нова facelift верзија

Компактниот SUV на Renault во изминативе неколку години се покажа како доста посакуван модел, кој достигна прилично успешна бројка од околу 450,000 продадени примероци ширум светот. Ова делуваше охрабрувачки на францускиот гигант, кој се реши да направи мали надоврешни како и внатрешни измени на овој модел, со што дополнително би ја стимулирал неговата продажба во иднина.

Новата facelift верзија на Kadjar ни беше претставена во Париз, каде Renault се пофали и со уште неколку интересни модели и го одбележа своето 120 годишно постоење.

Освежената верзија на овој SUV модел доаѓа со мали промени во надоврешниот изглед, кои посебно можат да се забележат во предниот дел на возилото. Предната решетка овој пат ни доаѓа во пошироко издание, обложено со хромирани детали, кои и даваат поагресивен изглед на предницата.

Kadjar

Предните фарови остануваат исти како и кај претхнодникот, со LED дневни светла кои се во C-форма. Кај овој модел, новитет е LED технологијата употребена кај магленките и кај трепкачите. Слична ваква промена е забележителна и на задниот дел на возилото, особено во пределот на задниот браник.

Како дополнителни новитети поврзани со надворешниот изглед ни се трите нови бои во кој доаѓа Kadjar, како и нови 17 и 19-инчни фелни. Овој компактен SUV е со должина од 4,489 m, ширина од 1,836 m, висина од 1,613 m, додека пак со меѓуоскино растојание од 2,646 m.

Како и надворешниот дел, така и интериерот претрпел низа промени и подобрувања. Новиот Kadjar е опремен со нов 7-инчен мултимедијален екран на допир со R-Link 2 интерфејс, поставен во централниот дел на контролната табла. Контролите за клима уредот се сега со помодерен и поергономски дизајн.

Од Renault посочија дека овој модел е поудобен од својот претходник благодарение на поергономските седишта кои имаат поквалитетна изработка, а кон оваа удобност придонесуваат и лизгачкиот потпирач за рака поставен во предниот дел, како и новите вентилациски отвори поставени на крајот на централната конзола односно во делот кај задната клупа. Исто така овој модел доаѓа со повеќе избор на амбиентални бои на интериерот.

Најголемите промени кај новиот Kadjar се во моторниот простор, каде се наоѓаат новите генерации на бензинските и дизел моторите на Renault.

Од бензинските мотори, понуден е 1.3 литарскиот TCe турбо мотор развиен со Daimler, достапен во две варијанти и тоа со 140 и 160 коњски сили. И кај двете изведби достапна е опцијата од автоматски или мануелен менувач. Што се однесува до дизел моторите, понудени ни се две опции со ознака “Blue dCi”.

Првата опција односно Blue dCi 115 претставува 1.5 литарски мотор со 115 коњски сили и погон на предните тркала, а доаѓа со мануелен менувач додека автоматската варијанта ќе биде достапна нешто подоцна. Втората опција е Blue dCi 150 кој е 1.7 литарски мотор со 150 коњски сили и е достапна само во мануелна изведба, додека изборот помеѓу погон на предните и погон на сите четири тркала е присутен.

Клучни зборови

Поврзани вести

Може и ова да ви се допадне

Close
Close