НАСЛОВНАСАЕМИ

Париз 2018: Seat дебитираше со нов кросовер во својата гама

Овогодинешното шоу во Париз, Seat го искористи за горделиво да го претстави новиот кросовер Tarraco

Во изминативе неколку години, Seat значително се посвети на зголемување на асортиманот на својата кросовер линија. Тие овогодинешното издание на Paris Auto Show го искористија за да го претстават новиот и најголем модел во својата линија, кросоверот Tarraco. Со атрактивен дизајн, Tarraco се издигнува над Ateca и го следи стилскиот јазик на оваа компанија.

Почнувајки од надворешниот изглед, овој модел во предниот дел се карактеризира со прилично истакната и робусна решетка поставена во средината на предниот браник, како и LED фарови со препознатливите дневни светла. Моделот вклучува и пластично обложување по долниот дел од каросеријата и хромирани додатоци, како тримови околу прозорците, праговите и слично. Должината на Tarraco изнесува 4.735 mm, со што е само за околу 4 mm подолг од Kodiaq.

Кога сме веќе кај споредбата со Kodiaq, може да се каже дека и возачката кабина наликува на таа кај популарниот модел на Škoda, но со поуникатна контролна табла на која е поставен 8-инчен дисплеј со модерната gesture control технологија. И покрај стандната верзија со пет седишта, овој модел ни доаѓа и во варијанта со седум седишта.

Што се однесува до технологијата, овој модел е опремен со систем за позиционирање и задржување на автомобилот во лентата, а како дел од дополнителна опрема ќе може да се изберат и системите за детектирање на т.н. мртов агол, адаптивен круз-контрол, систем за препознавање на сообраќајни знаци, како и систем за помош при управување во сообраќаен метеж. Карактеристичен кај овој модел е динамичниот систем за контрола на шасијата, кој автоматски се прилагодува во зависност од површината на патот и стилот на возење.

Seat Tarraco Paris

Под хаубата на Tarraco ќе можат да се најдат три различни мотори.

Првата опција претставува 1.5 литарскиот турбо бензински мотор со 148 коњски сили, придружуван со шест-степен мануелен менувач со погон на предната оска. Како втора бензинска опција е 2.0 литарскиот турбо мотор кој испорачува 187 коњски сили и доаѓа со седум-степен DSG менувач и стандарден погон на сите тркала. Третата опција е 2.0 литарскиот дизел мотор со моќност од 148 и 187 коњски сили. Кај оваа верзија, имаме слобода на избор што се однесува до преносот на силата, па така можеме да избереме погон само на предните или погон на сите четири тркала.

Хибридната верзија на овој модел е веќе најавена од Seat, но не е дефинирано кога точно би била достапна на пазарот. Ваквата верзија би имала моќност од 206 коњски сили и вртежен момент од 400 Nm, со најмалку 50 km на чист електричен погон и емисија на CO2 помалку од 50 g/km. Исто така најавена е и FR верзија на Tarraco, која би претставувала спортски модел во оваа класа.

Новиот Tarraco ќе можеме да го погледнеме во салоните на Seat веќе од почетокот на наредната година, а пред-нарачките на овој модел ќе започнат во Декември.

Клучни зборови

Поврзани вести

Close