fbpx

Peugeot 208 1.2 Active: Лавче со педигре

Три години по претставувањето, најдобро продаваниот модел на Peugeot мина одново низ рацете на дизајнерите и инжинерите, односно доби озвежување кое практично ги опфати сите аспекти

Три години по претставувањето, најдобро продаваниот модел на Peugeot мина одново низ рацете на дизајнерите и инжинерите, односно доби озвежување кое практично ги опфати сите аспекти.
Затоа новината пристигнува со подинамичен изглед, побогата опрема, имплементирани нови тегхнологии, модифицирани мотори и нова спортска изведба, со што „малото лавче“ ја продолжува својата успешна приказна.

Кога присуствувавме на прес конференцијата на францускиот производител на салонот во Женева, каде обновената верзија на Peugeot 208 имаше свое деби, нашите коментари беа во насока дека секоја чест на експертите од компанијата, бидејќи „лавчето“ не само што доби одредени модификации, туку има поинаков стајлинг и мора да се погледне со „други очи“ за да може да се долови на посакуваниот начин. Нема сомневање следеше и одговорот-кога некој модел остварува врвни продажни резултати, одговорноста за негов развој не може да биде мала. А, за да се биде „потамам“. За комплетна слика за новината, се погрижија од македонскиот импортер Еуроимпекс, кој на управување ни дадоа една несекојдневна изведба со агрегат од 1.2 литри со PureTech технологија и ниво на опременост Active.

Она што најнапред е важно да истакнеме за тестниот модел е новата боја, која е дел од пакетот што содржи вкупно 13 обични, металик и ваква со мат ефект. Станува збор за една од двете текстурни нови колорити, Ice Silver, која на површината на каросеријата дава посебен „шмек“, како да има „ситни зрна“. Овие бои во споредба со вообичаените мат колорити, се посебно отпорни на гребаници, а поради деталите со флуросцентни примеси, се мошне прифатени од помладата популација, која е најважен таргет за 208-ката. Освежениот Peugeot 208 ја задржува изразената посебност, со подинамичен изглед, а на листата нови елементи се секако предните светла со хромирана позадина и LED „потпис“ достапни од нивото на опременост кое ние го имавме на располагање. Тука е и пошироката маска на ладилникот на која има имплементирано 3D обележување и детали со Lime боја, која ја среќаваме и кај рамката на магленките и куќиштето на ретровизорите. Освен оние флуорсцентни примеси кои секако влијаат на вкупниот впечаток нема додатоци на страниците, а позади исто имаме светла со 3D LED технологија и со малку поинаква форма.

За разлика од надворешноста во ентериерот повеќе фејслифтинг зафати. Во однос на првичната изведба на Пежоовиот i-Cockpit, кој своја премиера имаше токму во ова остварување, има повеќе модификации. Како прво за специфичната форма на намалениот дијаметар на управувачот и дел од инструментите кои ги гледаме над него. Многумина имаат забелешка за управувачот, но експертите велат дека овој потег на француските инжинери заслужува високи оценки од повеќе аспекти: функционалност, ергономија, прецизност, безбедност… Во тестниот модел ние на располагање имавме и 7-инчен екран чуствителен на допир, кој осигурува едноставно управување со системите како што се аудио, телефон, информации од патниот компјутер… Поврзаноста е важен елемент на денешните изданија на моделите на автомобили, особено кога тој е наменет за помладата популација, па има Bluetooth, USB конектор и функција MirrorScreen, со која се овозможува „пресликување“ на екранот на мобилниот уред. Мобилните апликации достапни се преку составот Peugeot Connected Apps. Внатрешноста е збогатена со амбиетално светло.

Со цел да остане во склад со современите трендови, 208-ката доби и повеќе елементи од опрема, пред сé оние кои се грижат за сигурноста и безбедноста. За оваа цел модифицирани се REF-електронска распределба на силата на кочење и AFU-помош при нагло сопирање. Peugeot нагласува дека обновениот 208 е опремен со ESP, ABS, EBA, EBFD.., кои секако имаат огромно влијание што оваа изведба доби пет ѕвездички на тестот за сигурност на ЕuroNCAP.

За оваа цел освежена е и палетата на погонските состави со PureTech и BlueHDi технологии, кои ги задоволуваат и најстрогите норми за емисија на штетни гасови, според Euro 6 стандардите. Впрочем Peugeot 208 е горд сопственик на епитетот најштедлив автомобил. Палетата на бензински агрегати ја предводи трицилиндерскиот мотор од фамилијата PureTech, атмосферскиот 1.0-литарски мотор со моќ од 68 KС, а по него е „изненадувањето“ како што ни рекоа од Еуроимпекс, 1.2 литарскиот со 82 КС, а вистинска новина во понудата е 1.2 со турбо полнење, Start&Stop и 110 КС. Овој мал агрегат е посебно ефикасен, опремен со систем за директно вбризгување на гориво под притисок од 200 бари и турбополнач од новата генерација, кој со петстепен менувач има потрошувачка од само 4,8 литри и емисија на CO2 од 103 g/km. Што се однесува до агрегатот што ние го имавме на тест, оние 82 коњи знаат добро да го повлечат скоро 1,2 тони тешкиот автомобил. Забрзувањето до стотка е за 12,2 секунди, а максималната брзина 178 km/h. Просечната потрошувачка според нашите мерења околу 6,0 литри, што е релативно близу до декларираните 4,5 од компанијата.

И подвозјето и потпирањето (напред мекферсонови нозе, попречни рамења, стабилизатор, назад полукрута оска, спирални пружини) добија одредени корекции, што е многу важен момент за подоброто држење на подлогата, па и во екстремни услови и режими на управување се однесува мошне доверливо. Подвозјето „слуша“ и прецизно реагира на сите поставени задачи, па и поради изразената подуправливост, возилото лесно и брзо се корегира. Секако своја улога за ова има и динамичното потпирање, па при управувањето ви дозволува да си „поигрувате“ со малиот, посебно по свиоците, а при тоа да не мислите на безбедноста.

На крајот треба секако да истакнеме дека „лавчето“ добило многу атрибути. Ако сакаат клиентите (особено оние помладите и претставничките на понежниот пол), статус симбол, бренд… нема да погрешат со изборот на ова остварување, кое во Еуроимпекс во кампањата чини 13.214 евра и секако дополнителни 700 евра за пакетот за надворешна и 280 евра за внатрешна персонализација и 520 евра за специјалната боја.

Технички податоци за Peugeot 208 1.2 PureTech

мотор Euro VI, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.199 cm3
пречник и од 75,0 x 90,5 mm
степен на компресија 11,0:1
напојување четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, DOHC вбризгување на горивото
максимална силина 82 KС (60 kW) при 5.750 min-1
максимален вртежен момент 118 Nm при 2.750 min-1
трансмисија на предните тркала преку 5-степен менувач
потпирање напред независни Мекферсонови нозе, спирални пружини, стабилизатори, назад торзиона осовина, стабилизатори…
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад барабан, ABS, ESP, REF, AUF
пневматици 195/55 R16
каросерија субкомпакт со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 3.973 x 2.004 x 1.460 mm
меѓуоскино растојание 2.538 mm
траги (напред/назад) 1.454/1.454 mm
тежина 1.168 kg
максимална тежина 1.546 kg
приколка со сопирачки
багажник 285/1.076dm3
резервоар 50 литри
максимална брзина 178 km/h
забрзување 0-100 km/h 12.2 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 3.9/5.5/4.5 l/100 km
емисија на CO2 104 g/km

Повеќе информации во Еуроимпекс, тел. 02/ 3111-000

Поврзани вести

Back to top button