Премиера за Peugeot 9X8

Перформансниот оддел на францускиот производител, Peugeot Sport, го претстави својот револуционерен хиперавтомобил наречен Le Mans

Peugeot премиерно го покажа својот хибриден тркачки хиперавтомобил Le Mans 9X8 кој ќе се натпреварува во FIA World Endurance Championship пристигнува со иновативна аеродинамика, а најголемо внимание привлекува тоа што возилото на задниот дел нема масивно и конвенционално задно крило кое што е традиционално за ваквиот тим тркачки автомобили.

На дигиталниот настан присуствуваше и Авто Плус, а на прашањето на нашата редакција околу тоа како се компензира немањето на задно крило на новиот Le Mans 9Х8, од Peugeot ова го опишаа како „голем иновациски чекор“. Жан-Марк Фино, мотоспорт шефот на Stellantis исто така истакна: „Успеавме да достигнеме степен на аеродинамичка ефикасност која ни овозможува да направиме ваков потег. Не ме прашувајте како, нашата намера е тоа да го задржиме како строга тајна колку што е можно подолго“, објасни Фино за време на премиерата на хиперавтомобилот.

Peugeot Le Mans

Новиот Peugeot 9X8 Le Mans се напојува со 2,6-литарски битурбо V6 мотор поставен на задната осовина кој испорачува 670 КС, во комбинација со 900-волтен мотор генератор со моќност од 200 kW монтиран на предната осовина. Моќноста до тркалата се испорачва преку седумстепен менувач и автоматски ќе ја балансира моќноста која пристигнува од моторот и електромоторот со цел да испорача максимални 670 КС. Тркачките активности ќе започнат во текот на 2022 WEC сезоната, а поставата ќе ја сочинуваат Пол ди Реста, Жан-Ерик Верњ и Кевин Магнусен, заедно со Лоик Дувал, Микел Јенсен и Густаво Менезес, додека резервен возач е Џејмс Роситер.

Врвен дизајн за максимални перформанси

Новите LMH правила се одликуваат со контрола на клучните каросериски делови и ја ограничуваат максималната брзина на 670 КС, но им овозможуваат на производителите да имаат сериозна слобода во дизајнирањето на возилата и вметнувањето на технологијата. Перформансното балансирање ќе се користи за да се создаде ниво каде што ќе може да се „игра“ помеѓу LMH и LMDh машините. Токму тука настапува одлуката на Peugeot да го отфрли задното крило од новиот 9X8. Задните крила се едни од клучните аеродинамички уреди кои се користат за генерирање на потисна сила, но од Peugeot Sport велат дека високата аеродинамична ефикасност на 9Х8 му овозможува да испорача врвни перформанси без овој дел.

„Регулативите наметнуваат дека само еден подесив аеродинамички уред е дозволен, без специфично да се нагласи дека тоа треба да биде задното крило. Нашите калкулации и симулации открија дека возможни се високи перформанси без таков додаток“, истакна Оливие Жансони, техничкиот директор на Peugeot Sport.

Peugeot 9X8 се одликува со скулптурна каросерија за аеродинамична ефикасност, вклучително и скулптирани тркала, вентилациски отвори на предните странични крила над тркалата и интегрирани ретровизори. Стајлингот исто така се одликува и со неколку дизајнерски елементи кои се карактеристични за Peugeot, вклучително и дизајнот на предните светла во стилот на „лавја канџа“.

Од француската компанија истакнаа дека исто така посветиле внимание и при дизајнирањето на ентериерот, каде се наоѓа кокпит кој е моделиран според i-Cockpit дизајнот на Peugeot.

Инаку, 9Х8 номенклатурата е осврнување на мотоспорт наследството на компанијата и електричното брендирање. Со бројот 9 се означуваат претходните Le Mans тркачки возила, 905 и 908, додека буквата Х ја означува технологијата за погон на сите четири тркала и хибридниот погон на Peugeot. Со овој хиперавтомобил Peugeot се враќа во врвните трки за првпат откако програмата 908 беше укината во пресрет на обновувањето на WEC во 2012 година.

Поврзани вести

Back to top button