fbpx

Peugeot објави нови фотки од продукциската верзија на 508 PSE

Peugeot објави сет фотографии од сериската верзија на потентната хибридна верзија на моделот 508 PSE

Peugeot 508 привлече огромно внимание со своето појавување на пазарот. Со својот несекојдневен изглед слободно може да се натпреварува и за најубав автомобил во D сегментот, а изобилието на модерна технологија и добри агрегати му даваат за право да се надева на добар успех кога станува збор за продажбата. Тоа е одлична причина за Peugeot да објави повеќе фотографии од продукциската верзија на 508 PSE (Peugeot Sport Engineered).

Peugeot сепак сака дополнително да ја диверзификува понудата на моделот 508, па така овој модел ќе добие и варијанта со одлични перформанси. Мудрите одлуки на француската компанија доведоа до тоа електрификацијата да не претставува непознато за Peugeot, туку истата се очекува со раширени раце. Така, 508 PSE претставува plug-in хибрид. Peugeot за прв пат овој модел го претстави минатата година на Меѓународниот Салон за автомобили во Женева, но во концептно издание. Сега, благодарение на новите фотографии, имаме увид во тоа како ќе изгледа верзијата која е наменета за сериско производство.

 

Суштински, визуелните измени во однос на минатогодишниот концепт се минимални и суптилни, па овој автомобил и понатаму е исклучително атрактивен. Овој модел делува прекрасно, а со себе носи и неколку поспортски елементи во однос на стандардниот модел. На предната страна се забележливи додатоците на браникот, црната решетка со сјајни црни детали и поагресивен дизајн, црно лого, како и поагресивна долна решетка со два нови отвори на страниците. Профилниот поглед дава помускулест изглед, додека на задната страна можат да се забележат додатоците на браникот, две кружни издувни цевки и поистакнат дифузер.

Peugeot 508 PSE

Peugeot останува таинствен за перформансите

Сепак, и покрај тоа што сега имаме шанса да видиме како ќе изгледа продукциската верзија на автомобилот, се уште нема прецизини информации за погонскиот склоп. Концептуалното издание располагаше со 400 КС и 500 Nm вртежен момент, што му овозможуваше од нула до „стотка“ да стигне за 4,5 секунди, а максималната брзина изнесуваше 250 километри на час.

Peugeot 508 PSE

Не е исклучено овие бројки да бидат променети, пред се поради фактот што DS9 моделот исто така е достапен и како хибрид, а истиот располага со „само“ 360 КС. Сепак, од друга страна, можеби PSA групацијата ќе одлучи да го направи Peugeot 508 PSE со уште подобри перформанси. Како и да е, треба да се остави времето да покаже какви ќе бидат спецификациите на овој автомобил.

Се очекува Peugeot да ги открие сите детали за новиот 508 во текот на летото, а испораката на автомобилот би требало да започне кон крајот на оваа година. До тогаш, уживајте во фотографиите.

Поврзани вести

Back to top button