fbpx

Peugeot со модификации го зголеми опсегот на e-208 и e-2008

Автомобилските производители вложуваат се повеќе ресурси во електричната технологија, а Peugeot направи неколку паметни модификации со кои го подобри опсегот на движење на своите e-208 и e-2008

Со се поголемото вложување на ресурси во ЕВ технологијата, производителите успеваат да пронајдат едноставни, но мошне корисни начини за да ги подобрат перформансите на своите целосно електрични модели. Најновиот пример за такво нешто е француски Peugeot кој успеа да извлече поголем опсег на движење кај e-208 и e-2008 со неколку едноставни, а сепак паметни модификации.

Како што откриваат од француската компанија, целосно електричниот Peugeot e-208 ќе добие 22 километри поголем опсег на движење, додека електричниот кросовер e-2008 отсега ќе може да помине 25 километри повеќе во однос на претходно.

Peugeot e-208

Тоа значи подобрување од околу седум проценти кај e-208, чиј опсег на движење сега изнесува 362 километри, односно осум проценти кај e-2008, кој сега ќе може да помине 345 километри со едно полнење, според WLTP циклусот. Можеби ова делува како мала бројка, но сепак не треба да се заборави дека кај електричните автомобили секој километар е важен, а 25 километри воопшто не е занемарлива бројка, барем за извршување на дневните обврски во град.

Peugeot e-208

За да го достигне ова подобрување, Peugeot најпрво ги опреми возилата со уште поефикасни пневматици. Двата модели сега ќе имаат A+ класа на пневматици, кои имаат помал вртежен отпор. Во внатрешноста, моделите ќе добијат нови топлотни пумпи со сензори за влажност инсталирани на врвот на предното стакло кои ќе ја оптимизираат ефикасноста на енергијата на клима-уредот и грејните системи, се со цел да се извлечат дополнителни километри од автомобилот.

Peugeot e-2008

На крајот, новиот сооднос на менувачот го оптимизира опсегот при патувања на автопат. Како што велат од Peugeot, овие унапредувања одат преку она што го мери WLTP. Француската компанија вели дека овие ревизии нудат унапредувања од до 40 километри во урбани средини при температури од 0 степени.

 

Поврзани вести

Back to top button