Pininfarina го покажа радикалниот концепт Teorema
Прославената италијанска дизајнерска куќа Pininfarina е позната по некои од најубавите автомобили, а дизајнерскиот тим на компанијата сега го претстави и концептот наречен Teorema
Pininfarina се пофали со својот најнов и прилично радикален концепт Teorema, кој е целосно електричен и автономен автомобил каде фокусот е ставен на дизајнот и аеродинамиката за споделената мобилност на иднината. Ова е првиот концепт на Pininfarina целосно развиен во виртуелниот свет, овозможувајќи побрз и многу поефикасен дизајнерски процес.
Дизајнот на Teorema е колаборација помеѓу тимовите во Камбијано, Италија и Шангај, Кина, под водство на Кевин Рајс, главниот дизајнерски директор во Pininfarina. „Teorema сака да го врати задоволството на луѓето да го живеат автомобилот, возењето и патувањето, без фрустрациите и други компромиси“, истакна Рајс. За развојот на прототипот, Pininfarina користеше и технологии на проширена реалност, виртуелна реалност и измешана реалност.
Концептот е базиран на „скејтборт“ шасија за електрични возила развиена од Benteler со што се овозможува максимално користење на ентериерот. Автомобилот е долг 5.400 милиметри, а е висок само 1.400 милиметри.
Pininfarina вели дека Teorema е дизајнирана од внатрешноста кон надворешноста. Кабината има невообичаен изглед од 1 плус 2 плус 2 седишта, со што се добиваат пет индивидуални места распределени во пет реда. Не постојат странични врати, а пристапот од кабината е олеснет со отворањето на задниот дел, а покривот се издолжува нагоре и нанапред. Подот e активиран од стапките кои ги водат патниците кон нивните места, дизајниран во соработка со Poltrona Frau со цел максимална релаксација за патниците.
Врвна технологија и аеродинамичен дизајн
Инаку, Teorema е замислен како целосно автономен автомобил и не постои конвенционален управувач на контролната табла, единствено копчиња во различни форми кои излегуваат при користење. Возачот ќе може да бира меѓу три возачки режими – Autonomy, Drive и Rest. Во Autonomy режимот возачкото седиште е насочено кон патниците, во Drive режимот истото е насочено напред, а во Rest режимот, патничките седишта се навалуваат со што се креираат две клупи. Патниците имаат пристап до True Augmentet Reality технологијата развиена од страна на WayRay, со интерактивни виртуелни слики кои се појавуваат зад Intelligent Glass развиен од страна на Continental Engineering.
Кога станува збор за самиот дизајн, треба да се истакне дека истиот се карактеризира со аеродинамичната силуета со воздушни канали и отвори за унапредена ефикасност. Предниот дел има голем отвор опколен со LED светла, а воздухот излегува зад широките предни крила. Со оглед на тоа дека нема странични врати, а со тоа ниту различни панели и столбови, кабината изобилува со многу поголема природна светлина. Предното стакло станува пошироко како што се провлекува кон задниот дел каде доминира прекрасниот Kamm завршеток. Дифузерот е интегрален дел од дизајнот, додека тенката LED лента ги сочинува задните светла.
Треба да се има предвид дека Pininfarina нема намера да започне со сериско производство на Teorema, бидејќи станува збор за дизајнерска студија со која се истражуваат различните можности за автомобилската иднина.