Pininfarina ја претстави AutonoMIA – најдобриот симулатор на светот
Pininfarina ја проширува својата понуда до клиентите истражувајќи нови дизајни и реализации на кориснички идеи, а резултат на тоа е AutonoMIA, најмодерниот симулатор за возење
Италијанската компанија Pininfarina ја проучува и усовршува најновата технологија со цел да го создаде најдоброто возачко искуство. Така е креиран и AutonoMIA симулаторот кој има за цел на научниците и креаторите на возилата на Pininfarina да им обезбеди подобар увид во тоа што нивните возила можат да направат.
Pininfarina AutonoMIA e респонзивен, мулти-сензорен демонстратор за искуства кој е базиран на вештачка интелигенција и 5G конективност и нуди адаптација на различни околности и ултра брза конективност. Pininfarina во својата 90-годишна историја ги има направено некои од најубавите и најпознати автомобили во светот, а додека се занимава со „хардверот“, компанијата од Торино не ги заборава ниту „софтверските“ решенија кои денеска се витален дел од автомобилите.
„AutonoMIA покажува како Pininfarina може да го комбинира дизајнот со креативната технологија, користејќи го искуството на работа во време кога дигитализацијата, поврзаноста, податоците и вештачката интелигенција значително ја дефинираат мобилноста“, изјави извршниот директор на компанијата, Силвио Пјетро Ангори.
AutonoMIA претставува реална симулација која ги користи сите закони на физиката и која овозможува да го искусите возењето на Pininfarina автомобилите, пред тие да се симнат од производствената лента. На овој начин, може да се утврди како одредени модели ќе се однесуваат на патиштата, што им дава можност на дизајнерите и инженерите константно да вршат промени и да ги усовршуваат возилата додека не го добијат совршениот модел. Настрана од своите способности, AutonoMIA исто така ја менува функцијата, позицијата, индивидуалното и комбинираното користење на екраните во автомобилите, како што е концептот за посебен екран за совозачот.
AutonoMIA ќе се развива за инфозабавен систем
Но, можностите на AutonoMIA не застануваат тука, бидејќи од италијанската компанија планираат оваа технологија да ја применат и во самите автомобили како дел од инфозабавниот систем, се со цел да се збогати возачкото искуство. Од Pininfarina истакнуваат дека AutonoMIA ќе биде унапредена, прилагодена и дополнително развивана за клиентите на компанијата. Целта е инфозабавниот систем да биде способен да го препознае расположението на возачот и патниците, креирајќи „позитивен импакт во и околу автомобилот“, истакнуваат од Pininfarina. Систем кој еволуира на највисоките нивоа каков што веќе се наоѓа кај најновите модели на неколку компании, способен за автоматско подесување според возачот и неговото расположение.
Освен тоа, AutonoMIA нуди и целосно нов интерфејс, базиран на нови екрани и тактилни површини, а во иднина и на систем на зголемена реалност преку иновативен head-up екран способен за проектирање на голем број информации. Систем кој би бил погоден и за класични автомобили и за возила со автономно, самостојно возење.
AutonoMIA концептот е дело на Pininfarina, но исто така е плод на соработка со други компании како ART, која е специјализирана за хардвер и софтвер, како и креирање на кориснички интерфејс во автомобилските кабини од каде Pininfarina ја позајми инфозабавната платформа, вклучително и хардверот. Во иднина, AutonoMIA ќе биде способна да ја „истражува“ зголемената реалност преку технологија обезбедена од партнерот на Pininfarina, WayRay.