fbpx

По BMW, и Alpina ги претстави освежените XD3 и XD4

Беше прашање на време кога Alpina ќе ги претстави освежените верзии на XD3 и XD4, откако BMW ги претстави унапредените X3 и X4

Кратко по премиерата на освежените BMW X3 и X4 и нивните M верзии, на ред дојде и Alpina која ги претстави своите моќни примероци наречени XD3 и XD4, кои ги добиваат истите стилски ревизии како кај обичните модели на баварскиот производител. Тоа значи дека на предниот дел се наоѓаат поголемите решетки, редизајнирани LED фарови и задни светла, како и нови браници, кои во овој случај се карактеристични за Alpina моделите.

Новите Alpina XD3 и XD4 добиваат моќни дизел агрегати под хаубата. Станува збор за унапредена верзија на BMW квад турбо 3,0-литарската шестцилиндерска единица која испорачува 394 КС и 800 Nm максимален вртежен момент, што е за 30 Nm повеќе во однос на претходните Alpina модели. Исто како и претходно, моќниот дизел агрегат доаѓа во комбинација со осумстепен автоматски менувач и рекалибриран xDrive систем за погон на сите четири тркала.

Од Alpina велат дека новите XD3 и XD4 се способни спринтот од место до „стотка“ да го поминат за 4,6 секунди, додека максималната брзина изнесува 267 километри на час кај XD3, односно 268 км/ч кај XD4. Компанијата исто така ја ревидираше калибрацијата на варијабилното спортско управување, како и системот за контрола на лансирање.

Двата нови модели на Alpina се поставени на адаптивни амортизери со специфични поставки и пократки и покрути опруги, со цел да се овозможи „одлични надолжни и странични динамики“. Како опција, компанијата ќе понуди сет композитни сопирачки и сет на 22-инчни тркала од лесна легура со препознатливиот Alpina дизајн.

Цените за новите BMW Alpina XD3 стартуваат од 85.900 евра на пазарот во Германија, додека XD4 почнува од 89.100 евра. Првите испораки се очекуваат да започнат во ноември.

Поврзани вести

Back to top button