fbpx

Polestar го претстави новиот електричен концепт O2

Новиот концепт на шведскиот производител Polestar кој е наречен O2 ја најавува иднината на електричните спортски автомобили

Polestar прави уште еден значителен чекор со кој ја зајакнува својата позиција во светот на производителите на премиум електрични автомобили со претставувањето на спектакуларниот концепт на спортски електричен автомобил наречен O2. Станува збор за елегантен ЕВ со две врати и конфигурација на седење 2+2, кој има за цел да ги редефинира „спортските роудстер модели за електричната ера“.

Овој концепт всушност е базиран на Precept концептот. Но, за разлика од Precept кој е потврден за производство и ќе го понесе името Polestar 5, O2 концептот за жал останува само концепт, барем такви се моменталните планови на компанијата. Наједноставното објаснување за идејата на Polestar со овој концепт е спортски автомобил со тврд покрив направен со класични кабрио пропорции, а притоа добива корист од најновите технолошки развои во електричната мобилност.

Автомобилот е креиран да придонесе за „живописно и лесно“ чувство зад управувачот, а треба да испорача и спектакуларно возачко искуство благодарение на неговата алуминиумска платформа добиена од Precept. Директната управливост и агилниот електричен погон се дел од ДНК-та на возилото, но за жал Polestar не објави конкретни бројки за перформансите.

Најава за иднината на брендот

O2 има големо значење за Polestar бидејќи со него прави јасна разлика и се оддалечува од својот сестрински бренд Volvo, притоа убедувајќи го светот дека намерите за станување на бренд за електрични перформансни автоомобили се сериозни. Дури и ако Polestar одлучи да не го произведува овој кабрио концепт, истиот сепак има големо значење бидејќи го најавува дизајнерскиот јазик кој ќе ги обликува идните автомобили на брендот.

Најголемиот дел од овој дизајнерски јазик е веќе прикажан на Precept. O2 го прикажува истиот лик со двојните светлечки елементи во форма на бумеранзи од двете страни на заострената хауба, но овојпат тука е и агресивниот преден сплитер закачен под предниот раб на хаубата. Тука се големите тркала со вкрстен мотив кои ги пополнуваат нагласените сводови под предните и задните крила, додека задниот дел има неверојатна сличност со Precept.

Polestar O2 Concept

Во внатрешноста се наоѓа 15-инчен екран на допир на централната конзола, заедно со уште еден мал екран кој служи како дигитален инструмент кластер поставен зад управувачот. Изгледот е минималистички, но луксузен. O2 концептот исто така е пријателски кон околината бидејќи сите меки компоненти кои можат да се најдат во ентериерот се направени од рециклиран полиестер, додека различни видови на алуминиум, најмногу од рециклиран алуминиум, е користен за изработка на шасијата.

Polestar O2 Concept

Веројатно најинтересната карактеристика на овој концепт е автономниот кинематски дрон кој е интегриран во задните седишта на O2. Тој е дизајниран да биде активиран кога возилото е во движење и да лета над него и да снима сцени од возењето.

Поврзани вести

Back to top button