ИНТЕРЕСНОНАСЛОВНА

Porsche потсети на седум модели кои ги одбележаа седумте децении

На десетина дена пред одбележувањето на 70 години од претставувањето на првиот автомобил на Porsche, славната германска компанија реши да не потсети на своите седум модели кои ги одбележаа историските седум децении развој

Иако Фердинанд Порше ја формирал својата компанија Dr. Ing. h. c. F. Porsche GmbH во 1931 година, првиот автомобил кој го имал неговото презиме е претставен на 8 јуни 1948 година. За оваа цел, односно да се одбележи сеќавањето на овој историски датум, од компанијата подготвија видео материјал со кои се осврнуваат на изминатите седум децении.

Прегледот започнува со моделот 356 SL (Super Light) од 1951 година со 1.1 литарскиот четирицилиндерски боксер мотор со 46 КС, што бил мошне лесен па оваа Coupe изведба (640 kg) постигнувала максимални 160 km/h. Во 60-тите години на минатиот век роден е најзначајниот модел за компанијата, легендарниот 911. Моделот прво ја носел ознаката 901, но поради жалбата од Peugeot, таа брзо е заменета во 911.

Моделот во видеото е 911 2.0 Coupe од 1964. Седумдесетите ги одбележа тркашкиот модел 917 KH со кој Porsche ја оствари својата прва победа во трказа 24 часа Ле Ман. Ова е прво остварување со 5.0 литарски мотор со 12 цилиндри со 630 КС со кој автомобилот на прочуениот Mulsanne правец на патеката de la Sarthe достигнал и до 360 km/h. Осумдесетите години го одбележаа лансирањето на неколку модели, извонредно суперспортски креации. Меѓу нив секако е изведбата 959, која долго беше најбрз продукциски автомобил.

Меѓу 292 произведени возила имаше и 29 примероци со ознаката S (Sport) кои беа за 100 килограми полесни од стандардните, а една од нив на патеката Nardo во Италија стигна до 339 km/h. Во следната деценија Porsche го претстави Boxster, прилично достапен Roadster со централно поставен шестцилиндерски агрегат, а светот се воодушеви и од Carrera GT во која Porsche вгради V10 мотор.

Пред почетокот на 21 век Porsche одлучи да „заплови“ во еден нов свет, па претстави своја SUV изведба.

Неочекувано добро прифатениот Cayenne ја направи компанијата и финансиски помоќна, па Porsche реши да лансира уште едно остварување во овој сегмент, во 2014 блесна моделот Macan. Последниот суперспортски модел е претставен оваа деценија, а тоа е хибридниот двосед 918 Spyder, кој е направен само во 918 примероци и беше уште еден модел со титулата најбрз продукциски автомобил со поставен рекорд на Нинбургринг.

Иднината на Porsche ја најавија неколку електрични концепти, за кои базата се очекува да биде Mission E.

Клучни зборови

Поврзани вести

Close