fbpx

Премиера за новиот Audi RS3

Германскиот производител Audi го претстави целосно новиот RS3 во Sportback и Sedan изведба како нови знаменосци во перформансниот компактен сегмент

Новата генерација на Audi RS3 дебитираше, а германската компанија подготви перформансна верзија на „тројката“ во Sportback и Sedan изведба. Моделот ќе биде новиот адут на Audi во перформансниот компактен сегмент, а новата генерација добива уште поагресивен дизајн, но и RS Torque Splitter технологијата за подобрени возачки динамики, а под хаубата останува препознатливиот петцилиндричен 2,5-литарски TFSI мотор на Audi Sport. Секако, неизбежен е и Quattro погонот на сите четири тркала.

Кога станува збор за екстериерот, RS елементите го раликуваат RS3 од останатите A3 модели, вклучително и перформансниот S3. Четвртата генерација на A3, која и онака беше мускулна и спортска, добива дополнителни карактеристики со кои моделот добива изглед на чистокрвен спортист. Затемнетата предница допринесува за еден поагресивен изглед во комбинација со поголемите отвори за воздух и единечната решетка која се одликува со нов шематски изглед. Меѓу останатите промени тука се LED графиките на фаровите кои можат да се најдат само кај RS3, како и пошириоките предни крила.

Новиот Audi RS3 е поставен на нови 19-инчни тркала со затемнет финиш кои се дизајнирани специјално за новата генерација, а обложени се со Pirelli P Zero Trofeo R пневматици. На задниот дел се наоѓаат поголемите декоративни отвори, агресивните задни светла и дифузерот каде се вградени препознатливите овални издувни цевки на RS Sport Exhaust System со варијабилна контрола за побогат звук.

Ентериерот ја отсликува перформансната природа

Во внатрешноста, кабината е соодветно подготвена за да ги рефлектира перформансните карактеристики на автомобилот. Пред возачот се наоѓа RS Sport управувачот со рамно дно обложен во кожа и Алкантара и доаѓа со специјално RS Mode копче, како и лопатки за менување на брзините. RS спортските седишта со опционална Nappa кожна обвивка даваат дополнителна поддршка. На крајот, како опција се нуди и Design пакетот, кој пристигнува со повеќе црвени или зелени акценти во кабината.

Графиката на 12,3-инчниот Audi Virtual кокпит се со RS спецификации и прикажува соодветни податоци, додека 10,1-инчниот централен екран на допир добива RS Monitor функција прикажувајќи корисни информации за самиот автомобил.

Како што веќе наведовме, под хаубата се наоѓа турбо петцилиндричниот 2,5-литарски TFSI мотор кој испорачува 400 КС кои се достапни меѓу 5.600 и 7.000 вртежи во минута. Максималниот вртежен момент изнесува 500 Nm и истиот се достигнува при 2.250 до 5.600 Nm, што е за 20 Nm повеќе од претходната генерација. Моторот доаѓа во комбинација исклучиво со ревидираниот седумстепен автоматски менувач со двојна спојка S-Tronic, кој ја испраќа моќноста на сите четири тркала.

Audi RS3

Најбрзи перформанси во сегментот

Според Audi, новиот RS3 ги има најбрзите перформанси во својот сегмент. Спринтот од нула до „стотка“ се стигнува за 3,8 секунди, со што е 0,3 секунди побрзо од претходната генерација. Максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час, но опционално може да се унапреди до 280 км/ч или дури 290 км/ч ако е опремен со RS Dynamic пакетот.

Една од главните новини кај новата генерација е RS Torque Splitter кој го заменува диференцијалот на задната оска која ја имаа претходните генерации. Новата поставка овозможува активно и целосно варијабилно векторирање на максималниот вртежен момент на задните тркала. Покрај унапредувањето на агилноста и поголемата брзина во свиоците, тука е и новиот RS Torque Rear режимот за дрифт.

Покрај вообичаените возни режими кои се достапни преку Audi системот за селектирање, тука е и RS Performance режимот кој ја креира најдобрата можна конфигурација за возење на тркачки патеки. Стандардниот неактивен RS спортски систем на потпирање доаѓа со нови амортизери, покрути лежаи и систем на вентили за побрза респонзивност.

Нарачките за новиот Audi RS3 Sportback и RS3 Sedan ќе бидат отворени во Европа од средината на август, а првите испораки се очекуваат на есен. Базичната цена во Германија стартува од 60.000 евра за Sportback, односно 62.000 евра за Sedan изведбата.

Поврзани вести

Back to top button