fbpx

Премиерно претставен новиот Ford Ranger

Австралиската дивизија на производителот Ford ја претстави новата генерација на глобалната верзија на моделот Ranger

По подолго време, пристигнува нова генерација на Ford Ranger. Повеќе од 11 години поминаа од претставувањето на T6 генерацијата, а сега Ford конечно подготви замена. И тоа повеќе од достојна. Со својот нов и револуционерен дизајн, со изглед кој потсетува на Maverick благодарение на LED фаровите во C-форма, новиот пикап пристигнува со голем број промени на екстериерот, ентериерот и под хаубата.

Наречен „најпаметниот, најразноврсниот и најспособниот Ranger досега“, новата генерација на пикап камионетот го надоградува наследството на своите претходници, а истовремено ја прифаќа удобноста, технологијата и унапредената способност.

Ford Ranger

Нов дизајн со препознатлив пристап

Новиот дизајн е забележлив на прв поглед, со оглед на тоа дека новиот модел добива одважен дизајн. Покрај новите фарови, тука е и уште понагласената предна решетка, извајаната хауба и мускулестата завршница на каросеријата, кои ги наследуваат меките облини на претходникот. Но, и покрај ова, моделот е инстантно препознатлив, задржувајќи некои од своите карактеристики.

Ford Ranger

Задниот дел е уште поеволутивен, но забележливи се карактеристичните задни светла и ревидираната здана врата со нагласен Ranger натпис. Ова не се единствените промени, бидејќи моделот добива нов браник со задни странични прагови кои служат како скали за полесен пристап до товарниот простор. Иако Ford не открива многу детали, на фотографиите се прикажани SuperCab и SuperCrew верзиите, како и верзија во Wildtrak ниво на опременост. Ford исто така ги најави планвоите за речиси 600 фабрички додатоци, вклучително и неколку развиени во соработка со ARB.

Меѓуосовинското растојание е продолжено за 50 милиметри, за уште поголем простор за нозете за тројцата патници на задната клупа, а исто така го прави Ranger поспособен кога станува збор за пристапниот агол во тешки оф-роуд услови, заедно со амортизерите од задниот систем на потпирање кои се поместени понапред. Покрај унапредената шасија, на предниот дел, новата хидро-формирана структура им овозможи на инженерите да ослободат повеќе простор кај пределот за моторот за поголем V6 турбодизел агрегат. Задниот дел е проширен за 50 милиметри за поголем товарен простор, кој има цврста пластично моделирана подлога која ветува голема издржливост благодарение на извајаната конструкција.

Драстична промена на ентериерот

Она што досега беше познато за ентериерот, може слободно да се заборави, бидејќи кабината на Ranger е комплетно трансформирана. На центарот се наоѓа SYNC4 инфозабавен систем со 10,1 или 12-инчен екран на допир. Новиот пикап исто така добива и целосно дигитален инструмент кластер. Рачката од менувачот од претходната генерација го нема и е заменет со помодерен контролер со уште подобар дизајн. Тука е и редизајнираниот селектор за возачки режими и електричната рачна сопирачка, што соодветствува со модел за 2022 година.

Моделот исто така е опремен со еден куп технологија, вклучително Matrix LED фарови и 360-степена камера. Новиот Ranger исто така поддржува и over-the-air бежични унапредувања на софтверот и им дава можност на сопствениците за користење на апликација на паметен телефон за далечинска контрола на осветлувањето. Купувачите можат да бираат меѓу две поставки за погон на сите четири тркала, или со електронски shift-on-the-fly систем или пософистицираниот full-time 4×4 систем.

Нов мотор под хаубата, производството почнува догодина

Кога станува збор за моторите, стариот 2,5-литарски петцилиндричен дизел е заменет со новиот 3,0-литарски V6 турбодизел. Спецификациите не се откриени. Исто така, во понудата ќе се најдат и пар помали четирицилиндрични, 2,0-литарски дизели со турбо или битурбо поставка. Тука е и 2,3-литарскиот EcoBoost четирицилиндричен бензински агрегат. Достапноста ќе зависи од пазарот, со оглед на тоа дека нема сите погони да се нудат во сите 180 земји каде ќе се нуди глобалната верзија на Ford Ranger. Зависно од моторот кој ќе се најде под хаубата, ќе има шестстепен мануелец или автоматик, како и најновиот 10-степен автоматски менувач.

Ford ќе започне со склопување на новиот Ranger кон почетокот на 2022 година во своите фабрики во Тајланд и Јужна Африка. Во Европа моделот нема да биде достапен за нарачка до крајот на 2022, а првите испораки се очекуваат на почетокот од 2023.

Исто така, треба да се напомене дека новата генерација на Ford Ranger исто така ќе служи и како база за новиот Volkswagen Amarok кој ќе пристигне во текот на следната година, а ќе го произведува Ford во својот погон во Јужна Африка.

Поврзани вести

Back to top button