Претставен EQS, луксузниот електричен седан на Mercedes
Германскиот производител Mercedes влегува во сегментот на луксузни електрични автомобили со претставувањето на новиот електричен седан EQS
Mercedes-Benz и официјално ја претстави својата футуристичка електрична лимузина EQS, која пристигнува со опсег на движење од 770 километри според WLTP циклусот, со што го надминува секој ЕВ кој во моментов се наоѓа во продажба. Но, како што е вообичаено за германскиот производител, EQS не се истакнува само во еден сегмент. Покрај големиот опсег, „електричната S Класа“ плени и со прилично храбриот стилски став и технолошки напредниот ентериер.
EQS претставува електричен „знаменосец“ на компанијата, а исто така ја најавува и новата стилска насока на Mercedes-EQ семејството. Овој модел е првиот кој во себе ќе го понесе MBUX Hyperscreen, големата стаклена контролна табла со површина од 56 инчи во која се инкорпорирани три индивидуални екрани како 12,3-инчниот инструменталниот кластер, 17,7-инчниот централниот инфозабавен екран и 12,3-инчниот екран на допир наменет за совозачот, преку кој може да ги контролира функциите за масажа, греење и вентилација за своето и за возачото седиште, но и да го подесува клима-уредот, амбиенталното осветлување и аудио поставките. За MBUX Hyperscreen и сите негови технолошки Mercedes се пофали пред оваа премиера и за истите можете да прочитате ТУКА. За оние кои сакаат поедноставен ентериер, Mercedes нуди поконвенционален единечен 12,8-инчен централен екран на допир во комбинација со 12,3-инчен дигитален инструмент кластер.
Две верзии при лансирањето
Mercedes EQS ќе биде достапен во две верзии, а и двете ја добиваат својата енергија од 108,7 kWh литиум-јонската батерија. Базичната понуда ќе ја претставува EQS 450+, кој доаѓа со единечен електромотор поставен на задната оска со моќност од 333 КС и 550 Nm. Од друга страна, тука е EQS 580 4Matic со погон на сите четири тркала благодарение на дополнителниот електромотор поставен напред. Вкупната системска моќност изнесува 523 КС и 828 Nm, што е доволно за спринт од нула до „стотка“ за 4,3 секунди.
Секако, за ЕВ моделите најважно е полнењето и опсегот на движење. Од Mercedes наведуваат дека можат да се очекуваат 770 километри, благодарение делумно и на фантастичната аеродинамичка ефикасност. Со коефициент на отпор на воздух од 0.20, Mercedes EQS е најаеродинамичниот сериски автомобил некогаш произведен. Кога станува збор за полнењето, EQS може да се наполни од 10 до 80 проценти за 35 минути преку 110 kW DC брз полнач, додека 240-волтен домашен ѕиден приклучок истата количина може да ја наполни за 11 часа.
Препознатлива силуета
Од дизајнерска гледна точка, EQS отстапува од останатите производи на Mercedes, што е намерен избор на компанијата, со цел EQ производите да се истакнуваат како уникатни. Со оглед на тоа дека седанот е поставен на своја целосно електрична архитектура, ослободена од традиционалниот мотор поставен напред, дизајнерите ја спуштија линијата на хаубата и го повлекоа предното стакло нанапред. Од друга страна, заоблената покривна линија и задниот дел, креираат нешто што Mercedes го нарекува One-Bow форма, благодарение на што 5,21 метри долгиот електричен седан, во комбинација со тркалата со димензии од 19 до 22 инчи, добива карактеристичен мазен дизајн.
Моделот нема премногу акценти на каросеријата кои би отскокнувале од Progressive Luxury дизајнерската фолозифја. На предната страна се наоѓа сјајниот црн панел на кој е поставен беџот на Mercedes, а над истата е поставена LED светлосната лента која ги спојува фаровите. Задните светла исто така добиваат свои уникатни детали со „дизајн на завојна линија“.
Врвен луксуз и во базичната верзија
Кога станува збор за ентериерот, EQS добива огромна пространост, а иако Mercedes ги нема објавено официјалните димензии, нема да биде изненадување ако има поголем простор од S Класата. И покрај тоа што нема традиционален мотор или трансмисија, централната конзола е поставена високи, со што во предниот дел се добива чувство на удобност. На задниот дел се наоѓа клупа и тоа е единствената конфигурација достапна, што значи дека нема фиксирана централна конзола како кај Maybach моделите.
Сепак, Mercedes EQS задржува голем број луксузни карактеристики на S Класата кога е опремен со опционалниот Executive Rear Seat пакет. Во таков случај, потпирачот за рака се извлекува и тука се наоѓа отстранливиот MBUX таблет кој функционира како далечинско за 12,3-инчните екрани монтирани на задниот дел од предните седишта. Овој пакет исто така носи и брзо греење на седиштата и опција за масажа. Зад клупата се наоѓа багажникот кој има капацитет од 610 литри, односно 1.770 литри кога клупата ќе се преклопи.
Висока технологија
Новиот Mercedes EQS добива и голем број на одлично интегрирани системи за асистенција и безбедност. Како стандард пристигнува MBUX навигацијата со проширена реалнсот, со која се прикажуваат возачките насоки на патот на централниот екран. Како опција се нуди и head-up екранот со проширена реалност, каде што навигацијата се проектира на предното стакло во видното поле на возачот. Тука е и Distronic адаптивниот темпомат, асистенција за управување со автоматизирано менување на ленти и автоматско итно сопирање. Во случај на судир, Pre-Safe Impulse Side технологијата го подигнува EQS за околу 70 милиметри, со цел поголемиот дел од силата од ударот да се дистрибуира во рамката на возилото, наместо во патничката кабина.
Не треба да се заборави ниту Drive Pilot автономната технологија на Mercedes која на возачот му овозможува да ги тргне рацете од управувачот при брзини до 60 километри на автопат, иако во моментов оваа функција е достапна само во Германија. Вратите на возилото ќе се отвораат сами како што ќе се приближите до нив, доколку сензорите проценат дека тоа е безбедно, а исто така и ќе се затвораат самите. Автомобилот исто така ќе има и бежични унапредувања на системот, а опционалните спецификации кои ќе ги посакаат купувачите ќе можат да си ги нарачаат преку интернет.
EQS како опција ќе го нуди и HEPA филтерот и сензорот за квалитет на воздух. Energizing Air Control функцијата на централниот екран му овозможува на возачот да го мониторира статусот на системот, вклучително и разликата во квалитетот меѓу надворешниот свет и кабината на електричниот седан. Филтерот исто така спречува и вируси и бактерии.
AMG и Maybach верзиите доаѓаат во 2022
Покрај EQS 450+ и EQS 580 4Matic, Mercedes ќе додаде и AMG верзија со 761 КС која ќе пристигне подоцна, а ќе се одликува со максимална брзина од 250 километри на час и од нула до 100 км/ч ќе стигнува за помалку од 4 секунди. Исто така, оваа верзија ќе добие и карактеристични спецификации во дизајнот, посебен трим, како и поинаков сопирачки систем. По ова ќе пристигне и уште полуксузна Maybach верзија, а оваа, заедно со AMG варијантата ќе пристигнат на пазарот во 2022.
Mercedes-Benz EQS на пазарот ќе пристигне во август, а од германската компанија не ги соопштија деталите околу цената, но германските медиуми најавуваат дека базичниот EQS 450+ би можел да има цена под 100.000 евра на матичниот пазар.