Претставен освежениот Jaguar E-Pace

Jaguar го претстави освежениот E-Pace кој пристигнува со суптилни промени на екстериерот, додека во внатрешноста се забележливи поголем број новини

Британскиот производител подготви неколку промени во дизајнот на Jaguar E-Pace, почнувајќи од предниот дел каде се истакнуваат новиот браник и новата решетка со дијамантски детали. Освежениот E-Pace исто така пристигнува со целосно нови LED фарови со дневен светлечки потпис во форма на двојно Ј, а како опција е достапна Pixel LED технологија.

Jaguar E-Pace

Кога станува збор за задниот дел, моделот добива нов изглед на долната решетка, како и нови LED задни светла инспирирани од целосно електричниот I-Pace.

Неколку клучни промени се направени и во внатрешноста, благодарение на кои E-Pace сега добива поголемо премиум чувство. Најмногу се истакнува 11,4-инчниот HD екран со заоблено стакло кој пристигнува со најновиот Pivi Pro инфозабавен систем на компанијата. Покрај ова, освежениот SUV добива и редизајниран возачки сектор и 15W бежичен полнач. Кога станува збор за комфорот на возачот, тука се меките материјали и големиот број на метални додатоци. Освен тоа, Jaguar постави и нов управувач во E-Pace.

Jaguar E-Pace

Ретко се случува некој модел при редизајн и освежување во целост да ја промени платформата, но во овој случај Jaguar го направи токму тоа. E-Pace ја напушти старата архитектура на Ford и ја усвојува новата PTA платформа на JLR групацијата, а истата вклучува унапредена предна суспензија која нуди поудобно возење и ги намалува вибрациите.

Голем избор на моторни единици

Во понудата ќе се најдат седум погонски единици, од кои дури шест се електрифицирани. Базичниот агрегат кај дизелите е 2,0-литарскиот турбо четирицилиндричен мотор кој располага со 163 КС и мануелен шестстепен менувач кој ја испраќа моќноста на предните тркала. Тука е и верзијата од истиот агрегат, но со деветстепен автоматски менувач, погон на сите четири тркала и блага хибридна технологија. На врвот кај дизелските агрегати се наоѓа 2,0-литарската попгонска единица со 204 КС. Овој агрегат пристигнува со деветстепен автоматик кој ја испраќа моќноста на сите тркала, а поседува исто така и блага хибридна технологија.

Кај бензинските агрегати сите мотори поседуваат блага хибридна технологија, а како базичен модел се нуди 1,5-литарскиот мотор со турбо полнач. Овој мотор испорачува 160 КС со осумстепен автоматски менувач и погон на предните тркала. Овој мотор се користи и кај plug-in хибридната варијанта каде е во комбинација со електромотор. Токму оваа варијанта е и најмоќната во понудата. Возачот на располагање добива 309 КС и погон на сите четири тркала, а PHEV верзијата може да помине до 55 километри користејќи исклучиво електрична енергија.

Jaguar E-Pace

Кога станува збор за останатите бензински мотори, Jaguar нуди 2,0-литарски четирицилиндричен турбо мотор со благ хибриден систем. Овој агрегат е во комбинација со деветстепен автоматски менувач, а моќноста се испраќа на сите четири тркала. Британската марка нуди три варијанти на овој мотор – со 200, 249 и 300 КС.

Од Jaguar истакнуваат дека книгите за нарачки се веќе отворени, а големите промени ќе се одразат и на цената. Испорачувањата на освежениот модел ќе започнат кон почетокот на 2021 година.

Поврзани вести

Back to top button