Пристигнува Renault Megane Conquest

Кросоверот на Renault, кој досега беше препознатлив под името Arkana на рускиот пазар, доаѓа и во Европа, а во регионот ќе го носи името Megane Conquest

Овој SUV на Renault со купе изглед и атлетска става пристигнува на европскиот пазар опремен со напредна технологија, E-Tech хибриден систем и со нова верзија R.S. Line која му дава уште подинамичен изглед. Спојот на флуиднос, елеганција и робусност досега беа карактеристики со кои можеа да се пофалат единствено возилата на премиум марките, но новиот Renault Megane Conquest, или Arkana, ги руши конвенционалните правила на пазарот во Европа.

Со овој модел се заокружува палетата на Renault кога станува збор за компактни автомобили, а станува збор за новина на европскиот пазар. Овој модел е во продажба во Русија од 2019 година, а во Јужна Кореа е достапен од февруари годинава под името Samsung XM3. Сега, Arkana официјално пристигнува на европските пазари од првата половина на 2021 година, а за Адријатик регионот, каде што е вклучен и македонскиот пазар, ќе го понесе името Megane Conquest.

Renault Megane Conquest

Хибридна постава

Renault Megane Conquest е базиран на CMF-B модуларната платформа која ќе ја споделува со Clio и Captur, a ќе се производува заедно со XM3 во Бусан фабриката во Јужна Кореа. Модерната платформа ќе го издвојува од руската Arkana која ја користи платформата B0+ на Dacia Duster.

Исто така, мора да се напомене дека Megane Conquest ќе се разликува од досегашната Arkana. На почеток, Renault нуди целосно хибридна постава која е сочинета од 140 КС E-Tech хибриден погон и TCe 140 и TCe 160 турбо бензинците со 12-волтна микро-хибридна асистенција.

Самополнечкиот E-Tech систем е сочинет од 1,6-литарски четирицилиндричен бензински мотор, два електромотори (стартер генератор) и иновативен мулти-режимска трансмисија без спојка. Е-Tech хибридот ќе нуди до 80 проценти возење исклучиво на струја во градските околини, намалувајќи ја емисијата на CO2 и потрошувачката на гориво до 40 проценти во однос на конвенционалните мотори на внатрешно согорување во урбаните средини.

Кога станува збор за микро-хибридните погони, секој од нив е сочинет од 1,3-литарски четирицилиндричен турбо бензински мотор во комбинација со EDC трансмисија со двојна спојка и алтернатор-стартер систем во комбинација со 12-волтна литиум-јонска батерија поставена под совозачкото седиште. Првата варијанта која ќе се појави на пазарот ќе биде онаа со моќност од 140 КС и 260 Nm максимален вртежен момент, по што ќе пристигне верзијата со 160 КС.

R.S. Line

Уште една важна новина која ќе пристигне со Renault Megane Conquest, или Arkana, e R.S. Line тримот, кој го заострува изгледот на автомобилот со уникатната Orange Valencia боја на каросеријата, црни и темни метални детали на надворешноста, поспортски преден браник со F1 инспириран аеродинамични „сечила“, како и ексклузивни Shadow тркала. Останатите унапредувања вклучуваат и R.S. Line беџ и хромирана двојна издувна цевка.

Во внатрешноста, Renault Megane Conquest R.S. Line носи централна конзола со карбон финиш и облоги на вратите, црвени детали, црна покривна навлака, црвени шевови, алуминиумски педали и R.S. Line беџови.

Новиот Megane Conquest се карактеризира и со високотехнолошки кокпит со дигитален инструмент кластер кој доаѓа во три различни големини – 4,2, 7 или 10-инчен екран, во комбинација со Easy Link централен екран на допир кој доаѓа во големина од 7 или 9,3 инчи кој е компатибилен со Android Auto и Apple CarPlay.

Зависно од нивото на опременост, Renault ќе го опреми Megane Conquest со најновите возачки, паркинг и безбедносни системи за асистенција на возачот. Претставувањето на новиот Megane Conquest ќе се случи во првата половина на 2021 година.

Поврзани вести

Back to top button