Пропадна спојувањето на Nissan и Honda

Амбициозното спојување вредно 60 милијарди долари помеѓу Honda и Nissan, кое требаше да создаде еден од најголемите производители на автомобили во светот, официјално е откажан. Во денешното соопштение, двете компании исто така потврдија дека ги прекинуваат разговорите за можната тројна соработка со Mitsubishi.

Сепак, ова не значи дека вратите за идни партнерства се целосно затворени – напротив, тие остануваат отворени за заеднички проекти, особено во областа на паметните и електрифицирани возила. Значи, иако спојувањето пропадна, соработката не е целосно завршена.

Зошто пропадна спојувањето?

И двете компании објавија слични изјави, со што ги потврдија шпекулациите кои кружат веќе неколку дена. Според Honda, двете страни ги разгледале сите можности за интеграција, но имале различни визии за тоа како треба да изгледа таа соработка.

Клучниот проблем наводно бил статусот на матична компанија – Honda сакала да го преземе водството, што се смета за главна причина поради која Меморандумот за разбирање (MOU) потпишан на 23 декември е откажан.

Од Nissan потврдија дека првичните разговори биле насочени кон формирање заедничка холдинг-компанија, во која двете страни би имале еднаква контрола. Сепак, Honda подоцна предложила нова структура каде што таа би била главната компанија, а Nissan би станал подружница. Овој предлог не наишол на позитивен одговор кај Nissan.

Што следува за двете компании?

Откако Nissan не се согласил со новата структура, компанијата почна да бара други партнери, вклучувајќи технолошкиот гигант Foxconn.

Во своето соопштение, Nissan објасни дека оваа одлука ќе им овозможи побрзо донесување на стратешки одлуки и подобра адаптација кон брзо менувачкиот автомобилски пазар. Со индустријата која сè повеќе се движи кон електрификација, компаниите сакаат да избегнат корпоративни борби за моќ кои би можеле да ги забават.

Соработка во областа на електрификацијата

Иако спојувањето пропадна, Honda, Nissan и Mitsubishi сепак ќе продолжат да соработуваат во рамките на стратешко партнерство за развој на електрични и паметни возила.

Трите компании ќе работат на заеднички проекти за електрификација и развој на софтвер, со цел да останат конкурентни во трката со брзо растечките кинески брендови. Оваа алијанса е утврдена со Меморандумот за разбирање потпишан на 1 август.

Иако не успеаја да станат една компанија, овие три гиганти ќе продолжат да бараат начини за меѓусебна соработка и зајакнување на нивните позиции во индустријата.

Поврзани вести

Back to top button