Прв тизер и први детали за Trinity Project

Volkswagen ја објави првата тизер фотографија од Trinity Project, како и првите детали за новиот електричен знаменосец во поставата на германскиот производител

Trinity Project претставува новиот адут на Volkswagen во електричната офанзива, а за таа цел германскиот производител ги објави првите детали, заедно со првата тизер фотографија за електричниот седан кој ќе биде нов знаменосец во понудата и кој ветува да постави нови стандарди кога станува збор за опсегот на движење, брзината на полнење и софтверот.

Тизер фотографијата ја покажува агресивната силуета на автомобилот, прикажувајќи притоа и сличности со I.D. Vizzion концептот кој Volkswagen го прикажа во 2018 година. Производството на Trinity Project се очекува да започне во 2026 година во Волфсбург, а финалниот производ ќе нуди автоматизиран возачки систем од второ ниво уште од лансирањето, а ќе биде технолошки подготвен и за ниво 4, кое ќе биде активирано подоцна со апдејти.

Trinity Project ќе биде поставен на врвот на понудата на Volkswagen кога станува збор за ЕВ опсегот, ќе биде базиран на нова архитектура и ќе користи нови електрични погони, батериска технологија и врвен софтвер со цел да ги пресретне своите цели. Една од тие цели е и исклучително долгиот опсег на движење, како и мошне брзото време на полнење – „брзо како да полните гориво“, вели Volkswagen во своето соопштение.

„Trinity е еден вид на кристализациска точка во нашата Accelerate стратегија, важен проект, нашиот софтверски автомобил од соништата“, изјави Ралф Брандштетер, извршниот директор на Volkswagen брендот.

Реосмислување на автомобилите

„Ги користиме нашите познавања за да го направиме автономното возење достапно за ногу луѓе и да изградиме неврална мрежа на учење. На овој начин, ние создаваме услови за континуирана размена на податоци од нашиот возен парк – на пример, за состојбата во сообраќајот, за пречките или за несреќите“, додаде Брандстетер.

Passat

До времето кога Trinity Project ќе влезе во производство, Volkswagen ќе ја претвори фабриката во врвно ремек-дело, целосно подготвено за производствениот процес. „Комплетно ќе го реосмислиме начинот на кој правиме автомобили и ќе претставиме револуционерни пристапи. Дигитализацијата, автоматизацијата и лесната конструкција ќе играат клучна улога тука“, вели првиот човек на VW.

Германскиот производител планира да генерира дополнителни приходи по продажбата на возилата преку енергетски и услуги за полнење, софтверски функции кои сопствениците ќе можат да ги добиваат по потреба и автоматското возење.

„Во иднина, индивидуалната конфигурација на возилата повеќе нема да биде одлучена од хардверот во времето на купување. Наместо тоа, купувачите ќе можат да додаваат функции по потреба во било кое време преку дигиталниот екосистем во автомобилот“, заклучи Брандштетер.

Поврзани вести

Back to top button