Раст на продажбата во Европа во однос на минатата година

Продажбата на нови автомобили во првата половина од оваа година се стабилизираше во однос на она што се случуваше лани

По проблемите со кои се соочи автомобилската индустрија минатата година, оваа година се бележи раст во продажбата на нови автомобили. Во периодот од јануари до јуни 2021 година во земјите од ЕУ, ЕФТА и Велика Британија се продадени околу 6,5 милиони автомобили, што е раст од 23 проценти во споредба со истиот период од минатата година.

На врвот и понатаму е Volkswagen групацијата со речиси 1,7 милиони испорачани нови возила. Секако, најголемиот дел од продажбата на германскиот производител отпаѓа на матичниот бренд VW, а зад него се речиси израмнети Škoda и Audi со 346.000, односно 344.000 нови регистрации.

Второто место и припаѓа на групацијата Stellantis, која во првите шест месеци од оваа година забележала продажба на 1,37 милиони нови автомобили. Кај четвртиот најголем производител на светот предничи француски Peugeot со 423.000 продадени автомобили, по што следува Fiat со 280.000 продадени единици и Opel со 275.000 нови регистрации.

На третото место е Renault групацијата со продадени 561.000 автомобили во Европа. Најголемиот удел секако го има брендот Renault со 368.000 нови регистрации, а голема удел отпаѓа и на Dacia чии автомобили се испорачани во 191.000 единици.

Четвртопласиран на оваа листа е Hyundai групацијата со речиси 500.000 продадени автомобили, а од тоа 251.000 се модели на Kia, додека 243.000 се модели на брендот Hyundai. Веднаш зад корејскиот производител е BMW групацијата со безмалку 470.000 продадени нови возила, од кои најголем дел се на брендот BMW, кој продал 375.800 единици, а Mini има речис 94.000.

Кога станува збор поединечно за брендовите, Volkswagen е на првото место, додека на второто место е Peugeot. Третото место и припаѓа на Toyota со 386.000 продадени автомобили. Благодарение на добрата продажба, BMW тука го зазеде четвртото место кој воедно е и најпопуларна премиум марка. Веднаш зад баварскиот гигант е Renault кој има продадено 368.798 единици.

Поврзани вести

Back to top button