fbpx

Stellantis вложува 30 милијарди во ЕВ стратегија за сите брендови

Групацијата Stellantis го одржа својот Stellantis' EV Day настан, а на истиот ги сподели плановите за иднината на своите брендови

Четвртиот најголем производител на светот, групацијата Stellantis, потврди дека ќе инвестира над 30 милијарди евра до 2025 година со цел забрзување на транзицијата кон електрификацијата и развојот на нов софтвер со цел зголемување на профитабилноста во престојните години. Сите 14 брендови на Stellantis ќе лансираат целосно електрични возила базирани на четири платформи наменети за батериски електрични возила со три погонски модули и стандардизирани батериски пакувања.

Според соопштението кое го објави групацијата, Stellantis сака вкупните трошоци за сопственост на електрично возило да бидат исти како и во случајот со конвенционалните автомобили со мотор на внатрешно согорување и таа цел сака да ја достигне до 2026 година, со што електричните возила би биле подостапни за пошироките народни маси.

До 2030 година, Stellantis планира да го зголеми продажниот микс на целосно електрични и хибридни возила од актуелните 14 на 70 процценити во Европа и од 4 на над 40 проценти во САД. Карлос Таварес, извршниот директор на Stellantis, ги опиша идните продукти како „иконски возила“ со „перформанси, способност, стил, удобност и електричен опсег“ кои ќе се вклопат во дневните животи на клиентите.

Stellantis

Четирите целосно електрични и модуларни архитектури ќе бидат подлога за голем број типови на возила. Ќе бидат компатибилни со три погонски модули и ќе имаат способност да добијат софтверски и хардверски унапредувања за продолжување на животниот циклус. Платформите ќе бидат наречени STLA Small, STLA Medium, STLA Large и STLA Frame. Електричните возачки модули ќе вклучуваат електромотор, менувач и инвертер со што ќе се нуди погон на предните, задните и сите четири тркала зависно од спецификациите. Секоја платформа ќе биде способна да поддржи производство од до 2 милиони единици годишно.

Производство на батерии

Стандардизираните батериски пакувања ќе нудат опсег од 500 до 800 километри меѓу полнењата и ќе поддржуваат брзо полнење од 32 километри по минута. Stellantis развива батерии со висока густина и алтернатива без никел-кобалт која ќе биде подготвена до 2024 година. Новата генерација на цврсти батерии се очекува да влезат во производство до 2026 година.

Производството на електрични возила на Stellantis ќе биде поддржано од пет гигафабрики во Европа и Северна Америка, заедно со дополнителни снабдувачи и партнерства. Комбинираниот капацитет ќе биде 130 GWh до 2025 и ќе се зголеми на над 260 GWh до 2030 година. Планот вклучува 40 проценти намалување на трошоците за производство на батериски пакувања во периодот од 2020 до 2024 и дополнително намалување за 20 проценти до 2030.

Уште една важна цел за иднината е електрификацијата на комерцијалните возила која ќе се прошири на сите производи и сите региони во следните три години. Покрај батериските електрични лесни комерцијални возила кои веќе се достапни на пазарот, Stellantis исто така ќе лансира и средни комбиња со технологија на водородни горивни ќелии пред крајот на 2021.

Citroën e-Berlingo

Исто така потврдено е дека Opel ќе стане електричен бренд до 2028, Fiat ќе престане да продава конвенционални возила во Европа до 2030, Lancia ќе лансира три нови електрични модели, Maserati и Jeep ќе лансираат електрична верзија на секој модел во нивниот опсег, Dodge ќе лансира електричен „масл кар“, Ram ќе произведува електричен пикап, а Abarth ќе стане електричен бренд фокусиран на перформансите.

 

Поврзани вести

Back to top button