fbpx

Renault ги оживува своите легенди во електрична варијанта

Новиот извршен директор на Renault, Лука де Мео, има желба да ги оживее некои од најпопуларните модели од минатото на брендот

Renault доживеа огромна слава во текот на 70-тите, па се до 90-тите години благодарение на некои свои култни модели. Еден од нив е Renault 4 кој беше произведен во 8 милиони примероци во текот на три децении, додека уште околу девет милиони единици на Renault 5 беа создадени во текот на дводецениското постоење. Овие две имиња одамна се згаснати, но изгледа дека француската марка сака да ги врати во живот, но овој пат како целосно електрични возила.

Наводно, Лука де Мео, новиот извршен директор на француската компанија, сака да ги врати легендарните модели во модерна и електрична верзија, како дел од планот за подобрување на продажбата и репозиционирање на пазарот, како и исполнување на целта за достигнување на нулта емисија на штетни гасови. Оваа информација ја пренесува Automotive News Europe, повикувајќи се на свои извори кои се добро запознаени со целиот план.

Renault минатата година најави дека планира да заштеди 2 милијарди евра во следните три години. Пандемијата на коронавирусот нанесе огромни проблеми на францускиот производител, а промената на стратегијата е неопходна за компанијата. Како дел од стратегијата е и фокус на помалку, но попрофитабилни продукти, односно електрични автомобили и кросовери.

Де Мео веќе истакна дека сака да се потпре на француските корени на брендот, а според изворите, тој наскоро треба да ја претстави електричната и модерна верзија на Renault 4, автомобил кој првично беше претставен кон почетокот на 60-тите години. Исто така се очекува да биде оживеан и електрифициран уште еден популарен модел, а тоа е Renault 5. Сепак, засега нема никакви официјални информации од Renault.

„Лука де Мео е мошне фокусиран на производите, а неговиот стратегиски план ќе биде исто така“, вели еден од изворите за Automotive News Europe.

Околу останатите брендови на Renault, групацијата исто така ќе лансира и три нови електрични модели за брендот Alpine.

Поврзани вести

Back to top button