Претставени Megane eVision и Dacia Spring

Renault групацијата на денешниот eWays настан го претстави новиот Megane eVision концепт, заедно со електричниот Dacia Spring

Француската компанија најави дека ќе ги прикаже концептниот автомобил кој ќе претставува најава за продукцискиот електричен модел на Renault брендот, како и серискиот електричен автомобил на романскиот бренд Dacia, моделот Spring.

Новиот Megane eVision е првиот Renault кој ќе биде базиран на модуларната CMF-EV платформа на алијансата, која исто така е поставена кај Nissan Ariya. Од Renault истакнуваат дека новиот Megane eVision ќе го реосмисли компактниот хечбек кога ќе влезе во производство следната година.

Megane eVision

Според францускиот производител, концептот користи 60 kWh батерија која е компатибилна со брзо полнење до 130 kW, но притоа не ја спомена автономијата на движење со едно полнење. Електромоторот произведува 217 КС и 330 Nm вртежен момент, кој ги напојува предните тркала, а спринтот до „стотка“ се стигнува за помалку од осум секунди.

„Целосно го искористивме потенцијалот на чистата електрична платформа за да го реосмислиме класичниот хечбек на емоционален начин. Со најмалата батерија на пазарот, 4,21-метарското компактно тело нудејќи пространост на возило од C сегмент, Megane eVision е вистинско ремек-дело за пакување“, изјави извршниот директор на Renault групацијата, Лука Де Мео.

Megane eVision

Според него, концептот е 95 проценти подготвен за производство, со тоа што Megane eVision ќе стане првиот модел во новата, поширока гама на електрични возила. Финалната продукциска верзија на Megane eVision ќе пристигне во Европа подоцна следната година и се очекува да се нуди со различни големини на батериите и различни моќности на електромоторите. Доколку се биде според плановите, а тоа значи Megane eVision да го задржи својот атрактивен изглед, тогаш конкуренцијата ќе добие жесто удар на пазарот.

Dacia Spring

Заедно со Megane eVision, на eWays настанот официјално е претставен и Dacia Spring малиот електричен кросовер. Ова е голем ден за романскиот бренд, а автомобилот беше првично најавен во март годинава со Dacia Spring концептот. Од Renault групацијата ја претставија Dacia Spring како најдостапното електрично возило во Европа. Се уште не знаеме колку точно и конкретно ќе биде достапно, но од Dacia велат дека цената ќе биде „ненадминлива и непобедлива“.

Уште со претставувањето на концептот беше јасно дека првиот електричен автомобил на Dacia нема да биде целосно нов проект, туку унапредена верзија на веќе постоечки модел, а тоа е Renault City K-ZE кој се продава во Кина. Тоа значи дека станува збор за мал автомобил со должина од 3.734 милиметри, 1.770 милиметри широк и 1.516 милиметри висок. Меѓуосовинското растојание изнесува 2.423 милиметри. Со овие димензии, Spring Electric е многу поблиску до Twingo отколку до Sandero.

Автомобилот се напојува благодарение на 26,8 kWh литиум-јонската батерија која го снабдува електромоторот со 45 КС и 125 Nm вртежен момент. Со толку слаб мотор, Dacia немаше причина да објави за колку време се достигнува до „стотка“, но истакна дека максималната брзина е 125 километри на час. Dacia Spring ќе понуди автономија од 225 километри при комбинираниот WLTP циклус, односно 295 километри преку WLTP City циклусот.

Со возење во Eco режим автономијата се зголемува за околу 10 проценти, лимитирајќи на максималната брзина на 100 километри на час. Полнењето до 100 проценти на 220 V домашен приклучок користејќи стандарден кабел се случува за 14 часа, а со користење на 7,4 kW се полни за 5 часа. Најбрзиот начин за полнење е преку 30 kW DC терминал за кој треба помалку од еден час за батеријата да достигне до 80 проценти.

Пристигнува следната година

Багажникот на Dacia Spring собира 300 литри, без просторот под подот кој е резервиран за опционалното резервно тркало. Со собирање на задната клупа, капацитетот на багажникот се зголемува до 600 литри.

Контролната табла изгледа виртуелно идентично како онаа кај Renault City K-ZE, без управувачот и другите ознаки. Кога станува збор за карактеристиките, стандардната опрема вклучува целосно електрично варијабилно управување со асистенција, далечинско централно заклучување и 3,5-инчен дигитален екран меѓу инструментите.

Мануелниот клима-уред, Media Nav мултимедијален систем, електрика на ретровизори, задни паркинг сензори и задна камера се достапни како опција. Кога станува збор за инфозабавниот систем, тој вклучува 7-инчен екран на допир, сателитска навигација, DAB радио, Apple CarPlay и Android Auto, Bluetooth и USB приклучок.

Dacia ќе го лансира Spring Electric кон почетокот на 2021 година како дел од неколку car-sharing шеми, а верзијата за приватните клиенти ќе пристигне на есен истата година. Карго комерцијално возило со капацитет од 800 литри и капацитет на товар од 325 килограми исто така ќе биде понудено.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close