НАСЛОВНАНОВИТЕТИ

Renault го претстави новиот Arkana

Засега достапен само на рускиот пазар, францускиот производител го претстави новиот член во својот SUV сегмент

Од денес, SUV семејството на францускиот бренд е зголемено со новиот Renault Arkana. Овој модел доаѓа во купе SUV изедба и засега ќе биде ограничен само на рускиот пазар, а се очекува набрзо да се појави и во Кореа, најверојатно под брендот Renault Samsung.

Концептот Arkana беше претставен минатото лето на меѓународен салон за автомобили во Москва, а производната верзија изгледа речиси идентично. Присутни се само неколку стилски модификации на предната и задната страна на возилото, односно помалку блескави решетки на предната страна и отсуство на двојниот издувен систем позади. Сепак, она што го дефинира дизајнот на овој модел е карактеристичната покривна косина, која го прави овој SUV поприфатлива алтернатива на Mercedes-Benz GLC Coupe и BMW X4.

Renault Arkana

Внатешноста доаѓа во комбинација од кожа и мека пластика, каде во централната конзола поставен е 8-инчен дисплеј со екран на допир, подржан од Apple CarPlay и Android Auto. Новиот SUV исто така располага и со амбиентално осветлување, Bose премиум звучен систем, греење на седиштата и еднозонски клима уред. Кабината може удобно да прими до пет патници, а багажниот простор е со капацитет од 508 литри.

На листата на системи за помош на возачот се наоѓа камерата од 360 степени, системот за следење на мртов агол, сензори за паркирање и други помошни безбедносни функции. Дополнително, како опција понудени се и три различни режими на возење, односно Sport, Eco и MySense.

Renault Arkana

Францускиот SUV е придвижуван од 1,3 литарската Tce единица, развиена со Daimler, која испорачува моќност од 148 коњски сили и е поврзана со CVT X-Tronic пренос. Основните модели се достапни само со погон на предните тркала, додека погонот на сите четири е опционален.

За промоцијата на новиот Arkana, Renault го воведува Edition One моделот, кој се одликува со LED предни и задни светлосни уреди, дополнителни хромирани детали по надворешноста и дво-тонски 17-инчни тркала ексклузивни за серијата. Цените на Arkana Edition One започнуваат од 19.763 евра, а нарачките во Русија ќе започнат од ова лето.

Клучни зборови

Поврзани вести

Close