fbpx

Renault Scenic E-Tech е прогласен за Автомобил на годината

Scenic E-Tech e избран од европското жири за Автомобил на годината за 2024 со што стана седмото возило на Renault кое ја добива оваа награда

Scenic E-Tech electric е прогласен за автомобил на годината за 2024 година. Резултатите беа објавени на церемонијата на Меѓународниот автомобилски саем во Женева.

По првиот круг на гласање во ноември минатата година, Scenic беше избран за еден од седумте финалисти заедно со BMW Серија 5, BYD Seal, Kia EV9, Peugeot E-3008/3008, Toyota C-HR и Volvo EX30.

Победникот беше избран од жири составено од 58 автомобилски новинари од 22 земји. Scenic се најде на првото место со 329 поени, со што стана седмото возило на Renault со престижната титула „Автомобил на годината“, по Renault 16 (1966), Renault 9 (1982), Clio (1991), Scenic (1997), Megane (2003) и Clio (2006).

На второто место во изборот за Автомобил на годината заврши BMW Серија 5 со 308 поени, 21 помалку од Scenic. На третото место заврши Peugeot 3008 кој собра 197 поени, додека Kia EV9 заврши со 190. По нив следуваа Volvo EX30 со 168, BYD Seal со 131 и Toyota C-HR со 127 поени.

„Освојувањето на престижната награда „Автомобил на годината“ е големa гордост за сите во Renault Group и брендот Renault. Ова признание покажува дека сме го направиле вистинскиот избор: рекорден опсег, дарежлива и привлечна просторност, сето тоа со строго управуван еколошки отпечаток! Кога ќе го додадете уживањето во возењето и опремата „voiture à vivre“, како што е новиот панорамски сончев покрив на Solarbay или најновата генерација на системот OpenR Link со интегрирани системи на Google, Scenic ги има сите соодветни карактеристики за да ја зацврсти својата позиција на европскиот пазар на електрични возила“, изјави Фабрис Камболив, извршен директор на брендот Renault.

Целосно електричниот, Scenic E-Tech е базиран на платформата AmpR. Со нулта емисија и компактна форма (долг 4,47 метри), Scenic одлично се вклопува во градските патишта, а за долги патувања може да се пофали до 625 километри опсег.

Поврзани вести

Back to top button