fbpx

Renault става крај на развојот на дизел моторите

Дизел моторите во последниве години доживуваат негативна популарност од повеќе причини, а во Европа побарувачката за истите опаѓа

Дизел моторите вообичаено имаат помали CO2 емисии во споредба со соодветните бензински мотори, а со Euro 6D регулативата за емисија на штетни гасови во Европа, штетните NOx емисии се речиси израмнети – 0,06 грами по километар кај бензинците, односно 0,08 грами по километар кај дизелските мотори. Но, сепак, се чини дека е предоцна за спас на дизелските мотори, чија побарувачка полека, но сигурно опаѓа на сметка на хибридните и целосно електричните возила.

Голем број производители ги напуштаат дизелските мотори и ги насочуваат своите ресурси за истражување и развој кон електрифицираните погони. Последниот производител кој се одлучува на таков чекор е француски Renault. Француската компанија, преку извршниот директор Лука де Мео, потврди дека повеќе нема да инвестира пари во развојот на нова генерација на дизел мотори, пренесува Automotive News. Сепак, првиот човек на производителот откри дека постоечките dCi единици ќе бидат адаптирани за да ги пресретнат се построгите емисиони стандарди.

Дали ова значи дека Renault во целост ќе се откаже од дизелските агрегати во Euro 7 ерата која треба да пристигне, останува нејасно. Сепак, како што напоменавме, со оглед на тоа дека побарувачката за хибриди и електрични автомобили во Европа ја надминуваат побарувачката на дизелите, нема да биде изненадување ако Renault во целост ги повлече овие мотори од својата понуда во 2025 година.

На крајот на краиштата, Renault веќе ги повлече дизелските мотори од голем дел од својата постава. Неколку модели на францускиот бренд веќе не можат да се добијат со dCi агрегатот, а голем дел од престојните модели кои треба да се појават се подготвени да ја исфрлат дизел опцијата од понудата. Исто така, не треба да се заборави дека Renault подолго време снабдува и други автомобилски производители со своите дизел погони, па останува да се види како и тие ќе успеат да се снајдат со новите планови на француската компанија.

Поврзани вести

Back to top button