Rimac ќе го откупи Bugatti од VW во замена за акции

Хрватски Rimac би можел да го добие Bugatti, а од друга страна Volkswagen ќе добие акции од производителот на електрични суперавтомобили

Иако нема никакви официјални соопштениа, според информациите Volkswagen групацијата сака да го предаде Bugatti на Rimac преку Porsche, а во замена за тоа, германскиот гигант ќе добие поголем удел во хрватската компанија. Porsche во моментов поседува 15,5 проценти од Rimac.

Според извори, директорите на VW групацијата веќе дале дозвола за извршување на договорот, иако Надзорниот одбор на Volkswagen се уште треба да го разгледа сето ова, тврди Car Magazine. Во меѓувреме, се уште се очекуваат информации од Bugatti и од Rimac.

Иако овие вести доаѓаат како изненадување, лесно е да се разбере зошто овој потег има смисла за двете страни – особено за Volkswagen групацијата. Германскиот производител има за цел да се трансформира и да се насочи кон електрификацијата, дигитализацијата и технологијата за автономно возење, а конвенционалните хиперавтомобили не се вклопуваат во овие три категории.

Исто така возможно е овој договор да се случи без никакви парични средства. Volkswagen би можел да добие до 49 проценти од Rimac, додека хрватската компанија ќе го добие Bugatti брендот и со тоа и инфраструктурата која им е потребна за да го засилат производството на нивните електрични хиперавтомобили.

Rimac Bugatti

Volkswagen размислува и за останатите брендови

Porsche го доби првиот удел во Rimac во 2018 година со откуп на 10 проценти од акциите, кои минатата година се зголемија. Според основачот на Rimac, Мате Римац, во моментов има 15 компании кои ги користат нивните технологии, а според него, тоа се најдобрите во светот во своето поле.

Ќе биде интересно и да се види што ќе се случи со извршниот директор на Bugatti, Стефан Винкелман ако договорот со Rimac биде успешен. Некои сметаат дека тој ќе биде минато, но не пред да биде лансиран тркачкиот хиперавтомобил Vision Le Mans.

Изворите кои ги носат вестите за Bugatti, исто така тврдат дека Lamborghini и Seat се под истрага и би можеле да бидат продадени. Во случајот со Seat би можело да се случи спојување со Cupra кој подоцна би бил главниот бренд. Кога ќе се заврши со овие два бренда, Volkswagen групацијата би можела исто така да ги разгледува опциите и за Ital Design, Bentley и Ducati.

Поврзани вести

Back to top button