Rolls-Royce објави анимирано видео за дизајнот на новиот Ghost
Rolls-Royce пред неколку дена го објави првиот тизер цртеж за најновата генерација на моделот Ghost во пресрет на премиерата оваа есен
Првичниот тизер кој го објави Rolls-Royce претставуваше три едноставни дизајнерски линии со кој се предвидува формата на новиот Ghost. Овој тизер, заедно со шпиунските фотографии, индицираа на тоа дека дизајнот ќе биде помазен во однос на претходната генерација, а притоа се уште го симболизира сето она што го претставува британската компанија.
По тизер цртежот, кој пристигна веднаш по потврдата дека ќе пристигне новата генерација на Ghost, Rolls-Royce објави интересно аниминрано видео во кое дава увид во изгледот на автомобилот.
Во писмото кое го објави шефот на Rolls-Royce Торстен Милер Отвос, се потврдува дека возилото ќе биде претставено во периодот меѓу септември и ноември, а автомобилот ја следи дизајнерската филозофија која во компанијата ја нарекуваат Post Opulence.
Според британскиот производител, нивните купувачи се во потрага по минимализам во дизајнот. Од Rolls-Royce исто така истакнуваат дека забележале тренд кон минимализмот кај голем дел од луксузните клиенти. Шпиунските фотографии од новиот Ghost индицираат дека екстериерот нема да биде драстично поинаков од актуелниот модел, но автомобилот ќе биде поставен нешто пониско.
За напојувањето на новиот Ghost ќе биде задолжен 6,75-литарскиот битурбо V12 мотор кој испорачува 563 КС и 900 Nm максимален вртежен момент.