fbpx

РСБСП и МВР во акција: Користете зимска опрема!

РСБСП, МВР и Мотоцентар денеска организираа настан на платото пред Skopje City Mall за подигнување на свеста кај возачите за поголемо користење на зимската опрема

„Биди подготвен за безбедно патување во зима“ е мотото на акцијата која денес ја организираа РСБСП и МВР, со поддршка од Мотоцентар и Skopje City Mall. Настанот беше организиран во рамките на Зимската кампања 2020/21 и е со цел подигнување на свеста кај возачите за поголема употреба на зимска опрема во возилата и презентација на позитивните ефекти од употребата на зимската опрема.

Во согласност со тоа, покрај засилените сообраќајни контроли за поседување на зимска опрема во возилата, возачите кои денес минуваа покрај Skopje City Mall добиваа совети, едукативни материјали и ваучери за полесно обезбедување на соодветна зимска опрема. Од РСБСП и МВР не заборавија уште еднаш да ги информираат и потсетат учесниците во сообраќајот дека од 15 ноември до 15 март наредната година возачите имаат обврска за поседување на зимска опрема во возилата.

Од РСБСП исто така потенцираа дека во случај кога се користат зимски пневматици не постои обврска за поседување на ланци за снег. Исто така, особено важно е да се напомене дека обврската за носење на зимска опрема се однесува за сите возила кои учествуваат во сообраќај на пат независно дали е тоа во населено или надвор од населено место.

Претседателот на РСБСП Гордана Кожуваровска апелираше до сите учесници во сообраќајот да бидат одговорни, да користат соодветна зимска опрема и да направат соодветна зимска проверка и подготовка на возилото.

Што се подразбира под зимска опрема?

Под зимска опрема за моторни возила со дозволена маса до 3.500 kg, се подразбира, зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарите од четири милиметри (4 mm) или летни гуми на сите тркала со длабочина на шарите од четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала.

Под зимска опрема за моторни возила со маса над 3.500 kg се подразбира: зимски гуми на погонските тркала со минимална длабочина на шарите од шест милиметри (6mm) или летни гуми на сите тркала со длабочина на шарите од минимум четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала.Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

Комбинацијата, односно истовремена употреба на зимски и летни пневматици е исклучително опасна бидејки го нарушува процесот на управување на возилото, а посебно ја нарушува траекторијата на движење и запирање на возилото.

 

Поврзани вести

Back to top button