fbpx

Салонот во Женева потврден за 2023 година

По официјалната потврда за враќањето на Салонот во Париз, пристигнува и официјална најава дека Салонот во Женева ќе се врати за 2023 година

Автомобилските манифестации полека се враќаат на голема врата, откако претходно беа откажувани и одложувани поради пандемијата на коронавирусот. Иако многумина сметаа дека ваквиот тип на настани се застарени, а пандемијата само го засили темпото на нивно намалување, сепак пост-ковид ситуацијата го покажа сосема спротивното – дека на луѓето им недостасуваат класичните автомобилски саеми. Една од најголемите жртви на пандемијата дефинитивно беше Салонот во Женева, кој е на пауза од 2020 година, но организаторите денеска потврдија дека истиот и официјално ќе се врати во 2023.

Далеку од тоа дека ситуацијата во светот на автомобилските саеми е идеална, бидејќи денеска беше одложен Салонот во Пекинг поради растечкиот број на ковид случаи во Кина. Сепак, најавата дека Женева се враќа во календарот секако е прекрасна вест, особено за автомобилските вљубеници во Европа.

По тригодишното отсуство, Меѓународниот Салон за автомобили во Женева ќе се одржи повторно во февруари следната година. Организаторите на настанот објавија официјално соопштение преку нивниот Facebook профил, потврдувајќи ги притоа и датумите за манифестацијата – од 14 до 19 февруари. Засега, не постои најава кога станува збор за официјалните денови за медиумите, но традиционално се очекува истите да бидат ден или два пред Салонот да ги отвори вратите за јавноста.

По пауза од три години се враќа на сцената

Салонот во Женева е паузиран од 2020 година кога беше откажан поради Ковид-19. Пред две години, најавата за откажување дојде само неколку дена пред стартот на настанот, присилувајќи ги производителите да организираат онлајн дебати за веќе потврдените премиери. Следната година, изданието за 2021 исто така беше откажано, со што се засилија шпекулациите околу иднината на настанот. Сепак, за 2022 година настанот беше најавен, но на крајот одложен за 2023.

Во моментов малку детали се знаат за Женева 2023, но организаторите на GIMS веќе ветија дека работат на еволуција на платформата на манифестацијата на едно ново, повозбудливо ниво. Многу поспектакуларно шоу се планира за 2023, но засега не е познато дали ова значи и промена на препознатливиот формат на настанот. Салонот во Женева е познат како еден од најголемите и најпопуларните автомобилски саеми кога станува збор за бројот на учесници и дефинитивно е еден од најзначајните во Европа.

Поврзани вести

Back to top button