Seat најави мал електричен кросовер по пристапна цена

Шпанскиот бренд Seat и понатаму ќе има присуство во европскиот А сегмент со нов урбан елекетричен автомобил кој треба да пристигне до 2025 година

Seat не се откажува од конкурентниот А сегмент во Европа, а за таа цел ќе понуди нов мал електричен кросовер на пазарот, кој треба да пристигне најдоцна за четири години. Исто како и престојниот наследник на Aygo од Toyota, моделот, кој ќе биде поставен под престојниот el-Born кога станува збор за големината, ќе добие форма на кросовер, што значи дека ќе биде конкурент на неодамна претставената Dacia Spring.

Исто како и првиот ЕВ на романската марка, новиот модел на Seat ќе добие компетитивна и пристапна цена, од околу 20 до 25 илјади евра и ќе претставува „клучот за електромобилноста да стане достапна до широките народни маси“, а истовремено ќе и помогне на шпанската марка да ги „достигне Green Deal целите“.

Новиот електричен модел на Seat треба да пристигне во 2025 година, во исто време како и Volkswagen ID.1, кој ќе биде наследник на e-Up!. Ова значи дека шпанскиот ЕВ ќе ја споделува истата платформа со германскиот „роднина“ и би требало да добие батерии со капацитет од 24 и 36 kWh, а оваа последната ќе гарантира опсег на движење со едно полнење од околу 300 километри.

Пристигнува и Cupra Tavascan

Местото каде што ќе се произведува новиот мал електричен автомобил, кој ќе биде најавен со концепт пред крајот на оваа година, ќе биде објавен во следните неколку месеци, велат од Seat. Од друга страна, шпанската компанија потврди дека Cupra Tavascan ќе биде лансиран во 2024 година и ќе биде вториот електричен автомобил на марката по Cupra el-Born, кој треба да пристигне кон крајот на годинава.

„Нашиот сон ќе стане реалност: Cupra Tavascan ќе стане реалност. Базиран на MEB платформата на Volkswagen групацијата, ќе биде дизајниран и развиен во Барселона, а ќе пристигне на останатите пазари во 2024 година“, изјави претседателот на компанијата Вејн Грифитс.

На крајот, од Seat потврдија дека освежените Ibiza и Arona ќе пристигнат оваа година.

Поврзани вести

Back to top button