Шефот на Ford предупредува: Кинеските ЕВ се сериозна закана за брендот
Шефот на Ford, Џим Фарли, алармира дека Кина доминира во електричната мобилност со поевтини, поквалитетни и технолошки супериорни ЕВ модели

Електричната револуција може да значи егзистенцијална опасност за традиционалните автомобилски гиганти. На последниот Aspen Ideas Festival, генералниот директор на Ford, Џим Фарли, отворено призна дека кинеската доминација во сегментот на електрични возила (EV) претставува сериозна закана за иднината на компанијата. „Ако ја изгубиме оваа битка, Ford нема да има иднина“, предупреди Фарли.
Кина го диктира темпото во електричната мобилност
Фарли, кој само во последната година ја посетил Кина шест до седум пати, лично се уверил во напредокот на кинеските производители. „Тоа е најпонижувачкото нешто што сум го видел во својата кариера,“ изјави тој, објаснувајќи дека кинеските компании како Xiaomi и Huawei не само што произведуваат повеќе електрични возила од било кој друг (70% од светското производство доаѓа од Кина), туку и квалитетот, технологијата и цените на нивните модели значително ги надминуваат западните конкуренти.
„Во нивните автомобили не мора да го спарувате телефонот – автоматски вашиот дигитален свет се пресликува на системот на возилото. Тие имаат супериорна вградена технологија, а квалитетот на изработката и цените се значително подобри отколку на Западот,“ предупредува Фарли.
Ford се свртува кон хибриди, но дали е тоа доволно?
И покрај алармот што го крена во јавноста, стратегијата на Ford моментално е насочена кон хибридни возила, наместо кон експанзија на понудата на електрични модели. Според анализите, американскиот пазар сè уште повеќе ја преферира хибридната технологија, а тоа го потврдува и растот на акциите на Ford за над 9% од почетокот на годината.
Сепак, останува дилемата дали оваа стратегија ќе биде доволна за долгорочно натпреварување со Кина, особено ако се земе предвид фактот дека кинеските производители веќе нудат напредни и поевтини електрични возила на глобално ниво.
Американската автоиндустрија пред пресвртница
Фарли не сака да чека одговор – тој веќе ја крева тревогата. „Се наоѓаме во глобално натпреварување со Кина и тоа не се однесува само на електричните возила – ако не го добиеме ова, Ford нема иднина.“
Дали американските и европските автомобилски гиганти ќе најдат начин да го забрзаат својот технолошки развој и да го надминат предизвикот што доаѓа од Истокот останува да се види. Но, едно е сигурно – електричната револуција е веќе во тек, а Кина е чекор пред сите.