Силен раст на продажбата на ЕВ и покрај трговските тарифи

Продажбата на електрични и хибридни возила достигна 5.6 милиони единици до април 2025 годинa и покрај новите царини

И покрај неизвесноста што ја создаваат новите царини, глобалната продажба на електрифицирани возила бележи силен раст. Според податоците на аналитичката компанија RhoMotion, до крајот на април 2025 година, низ светот се продадени вкупно 5.6 милиони батериски електрични возила (BEV) и plug-in хибриди (PHEV). Само во април се продадени 1.5 милиони единици, што претставува пораст од 29% во споредба со истиот месец минатата година.

Кина и натаму води во оваа транзиција кон електрификација. Со 3.3 милиони продадени BEV и PHEV модели во првите четири месеци од 2025 година, земјата бележи раст од 35% во однос на истиот период лани. Иако април забележа пад од 9% во споредба со март, резултатите остануваат значително повисоки од април 2024 година, со раст од 32%.

Во меѓувреме, Северна Америка бележи стабилен раст. До сега се продадени околу 600.000 возила, што е за 5% повеќе од истиот период минатата година. Особено значајно е што Мексико пријавува речиси двојно зголемување на продажбата на електрифицирани модели.

Европа, по тешката 2024 година, конечно забележува позитивен пресврт. Во првите четири месеци од 2025 година, продажбата на BEV и PHEV модели пораснала за 25%, достигнувајќи 1.2 милиони возила. Батериските електрични возила водат со раст од 29%, додека PHEV моделите бележат пораст од 16%. Најголем скок во продажбата е забележан во Италија (+56%), Шпанија (+57%), Германија (+42%) и Обединетото Кралство (+32%). Од друга страна, Франција е единствената поголема земја со пад од 14%, пред сè поради намалување на државните субвенции.

Како што вели Charles Lester од RhoMotion: „Иако царинските преговори доминираат во дискусиите за иднината на електричните возила, домашните производители во Кина и Европската Унија тивко освојуваат сè поголем пазарен удел.“

И покрај геополитичките предизвици и регулаторните пречки, податоците покажуваат дека електрификацијата на мобилноста во светски рамки не само што продолжува, туку и забрзува.

Поврзани вести

Back to top button