fbpx

Škoda Afriq е уникатна рели верзија на Kamiq со погон од Octavia

Студентите од инженерската школа на Škoda го претставија својот најнов концептен автомобил кој го носи името Afriq

Веќе прерасна во традиција за Škoda да претставува интересни единечни концепти направени од страна на студентите на Škoda инженерската школа. Најновиот член на ова семејство е Škoda Afriq, рели верзија на моделот Kamiq со модифицирана каросерија, погон на сите четири тркала позајмен од Octavia и уред кој извлекува питка вода од воздухот.

Škoda Afriq е осмиот концептен автомобил од студентската програма и единствен за кој беа потребни две академски години за да се заврши поради ограничувањата поврзани со пандемијата. Како основа за проектот беше избрана Skoda Kamiq, а студентите ја трансформираа во рели автомобил по четири месеци и 2.000 часа работа.

Škoda Afriq

За конкретниот концепт Kamiq беше претворен во SUV со три врати и доби широки предни и задни крила, преден сплитер во стилот на рели автомобилите, дополнителни LED светла поставени на хаубата, отвор на покривот, централно поставена издувна цевка и голем карбонски заден спојлер. Белата и зелената боја на Škoda е преземена од Fabia Rally2 Evo. На крајот, тука е сетот од 16-инчни тркала Dotz 4×4 во комбинација со зголемениот клиренс кои го комплетираат надворешниот изглед на концептот.

За разлика од Karoq и Kodiaq кои се достапни во AWD варијанти, конвеционалниот Kamiq доаѓа исклучиво со погон на предните тркала. Со оглед на тоа дека ваквата поставка не е соодветна за рели автомобил, студентите дошле до идеја за „трансплантација“ на целиот погонски склоп од Škoda Octavia. Со цел да се вклопи новата погонска група во помалата платформа, моторот и менувачот беа модифицирани, а издувниот систем беше изменет.

Така, Afriq доаѓа со 2.0-литарски TSI бензински мотор со турбополнач кој испорачува 190 КС и 320 Nm вртежен момент, испраќајќи ја силата до сите четири тркала преку седумстепен DSG пренос.

Škoda Afriq

Внатрешност посветена на мотоспортот

Очекувано, во внатрешноста исчезнува препознатливиот изглед на конвенционалниот Kamiq. Наместо тоа, тука се наоѓа кабината која е ориентирана кон моторспортот. Покриената контролна табла, спортските седишта, безбедносните ремени со шест точки и воланот се извлечени директно од Fabia Rally2 Evo, додека за безбедност се додадени заштитен кафез и систем за гасење пожар. Учениците во Škoda академијата додадоа и систем за навигација од Garmin.

Škoda Afriq

Сепак, технолошки најголемо внимание во ентериерот привлекува единицата за производство на вода од израелската компанија Watergen. Уредот ја извлекува водата за пиење од влажноста во атмосферата. Ова значи дека возачот и совозачот секогаш имаат свежа, филтрирана и минерализирана вода достапна по потреба, преку дозерот за вода на контролната табла.

Исто како и претходните концептни автомобили направени од студентите на Škoda, така и Afriq не е наменет за производство и ќе остане единечен примерок.

Поврзани вести

Back to top button