Тест Škoda Fabia: Повеќе од суптилна

Некогашна мета на автомобилски критики, а денес бренд со кредибилитет кој спремно одговара на извиканите светски имињата. Моделот Fabia беше еден од главните инструменти во оваа трансформација на брендот

Како модел во еден од најконкурентните сегменти, Fabia се соочува со навистина голем број на ривали, од европско, јапонско и корејско производство. Сепак, ова и не е изненадувачки со оглед на фактот дека овие мали автомобили се едни од најпосакуваните и најпобаруваните модели на пазарот.

Нов дизајн со урбан карактер

Третата генерација на Škoda Fabia за прв пат се појави на пазарот во 2014 година, а досега производителот може да се пофали со речиси 700.000 продадени примероци. Додека роднинските ривали како Ibiza, Polo и Audi A1 добија целосно нова платформа и беа целосно редизајнирани, новата Fabia претставува само подотерано издание кое се вози сеуште на старата. Промените во дизајнот на ова издание од 2018 година се ограничени на нови предни и задни светлосни уреди, кои сега за прв пат доаѓаат со LED осветлување. Тука е и подобреното ниво на стандардна опрема, дополнителната технологија за активна безбедност, како и понудениот спектар на погонски единици кој е поеколошки ориентиран, што значи дека дизел моторите се целосно исклучени.

Fabia

Моделот Škoda Fabia кој имавме можност да го тестираме е со Ambition нивото на опременост. Измените на екстериерот се суптилни и минимални и се сведуваат на неколкуте корекции на маската од ладилникот, обликот на предниот браник и изоштрувањата на оптиката на светлосните групи на задниот крајот од автомобилот. Надворешноста ни доаѓа во сино металик издание, која во случајов е надополнето со 15 инчните алуминиумски бандажи. Кон овој дизајн одлично се вклопуваат новите LED дневни светла со динамичка контрола, кои се дел од листата на дополнителна опрема кај овој автомобил.

Ревидирана внатрешност

Што се однесува до возачката кабина, новата Fabia има претрпено неколку промени во дизајнот на внатрешноста. Во централната конзола на тестираниот модел е поставен 6,5 инчен екран осетлив на допир, преку кој се командува со поголемиот број од секундарните функции. Системот поседува повеќе можности за конекција, Bluetooth, SD слот, како и Smart Link за поврзување на Android или iPhone паметни телефони. Користените материјали за изработка на кабината не се со најмек состав но досегашните искуства велат дека имаат долг век на траење. Во пакет кај оваа изведба влегува и кожниот управувач со контроли за радио и телефон.

Fabia

Удобноста пак при управувањето е одлична за возило од оваа класа, а висинското подесување на возачкото седиште како и неговата ергономичност, само допринесуваат кон ова. Во задниот дел на автомобилот удобно може да се возат два патника, но комфорот се намалува со седнување на трет патник. Капацитетот на багажниот простор има зафатнина од 350 литри, кој значително се зголемува со преклопување на задната клупа, при што се добиваат 1.150 литри простор.

Поеколошки погонски спектар

Како што веќе напоменавме, дизел моторите повеќе не се дел од новата Škoda Fabia, додека пак бензинскиот спектар е ограничен на 1,0 три-цилиндерскиот мотор кој доаѓа во четири верзии чија моќ се движи од 60 до 110 КС, сите агрегати ги исполнуваат новите еуро 6 нормативи. Првите два се во атмосферска изведба, додека третата варијанта е токму тестираната, односно TSI агрегатот придружуван од турбо полнач и пет степен рачен менувач, кој што испорачува моќност од 95 КС. Крајната брзина изнесува 184 км/ч, додека од 0 до 100 достигнува за прифатливи 10,8 секунди. За секојдневна градска употреба, може да кажеме дека овој погонски агрегат е сосем доволен и одлично ги исполнува сите барања, како прилично брз одзив, солидно забрзување, одлично управување и задоволителна потрошувачка.

Иако автомобилот претежно го возевме по градските улици, своите адекватни способности ни ги покажа и на автопатски делници при што компјутерот ни посочи дека просечната потрошувачка изнесува 7,5 литри на секои 100 километри. Новата Fabia е подобрена и во поглед на безбедноста, сега таа располага со повеќе активни и пасивни системи се со цел да го задржи чекорот со ново претставените конкурентски модели. Последен во погонскиот спектар е 1.0 TSI моторот со моќност од 110 КС, кој има можност за избор помеѓу пет степен рачен и седум степен автоматски менувач.

За цената на тестираниот модел од 15.510 евра ќе оставаме на вас да процените, но треба да се земе во предвид дека избалансираноста помеѓу вложеното и добиеното секогаш и била предност на чешката марка која знаела максимално да ја искористи.

 

Технички карактеристики за Škoda Fabia:
моторEuro VI, бензин, четиритактен, три-цилиндерски, воденоладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина999 cm3
пречник и од74,5 x 76,4 mm
степен на компресија10,3:1
напојувањечетири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ95 КС (70kW)
макс. вртежен момент160Nm при 1800min-1
трансмисијана предните тркала преку 5-степен рачен менувач
потпирањенапред независен Макферсонов тип на пружина со стабилизатор, позади полузависен мост со стабилизатор за напречно спротивставување на отпорите
сопирачкинапред самовентилирачки дискови, назад барабан, ЕЅР, ABS, MBA, EBV
пневматици185/60 R15 (напред) 185/60 R15 (позади)
каросеријасубкомпакт со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина3.997 x 1.732 x 1.467 mm
меѓуоскино растојание2.470 mm
траги (напред/назад)1.463/1.457 mm
тежина1.046 kg
максимална тежина1.576 kg
багажен капацитет330 литри
резервоар45 литри
максимална брзина184 km/h
забрзување 0-100 km/h10.8 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек)4,1/5,5/4,6 l/100km
емисија на CO2106 g/km

 

Škoda Fabia во Македонија:
Active 1.0/60 MPI9.940 евра
Active 1.0/75 MPI10.400 евра
Ambition 1.0/74 MPI11.650 евра
Ambition 1.0/95 TSI12.430 евра
Ambition 1.0/110 TSI13.110 евра
Style 1.0/95 TSI13.620 евра
Style 1.0/110 TSI14.370 евра
Style 1.0/110 TSI DSG15.650 евра

 

Повеќе информации во Porsche Macedonia или на тел. (02) 2626 266.

Конкуренти:
Kia Rioод 12.290 до 15.190 евра
Renault Clioод 12.190 до 18.150 евра
Ford Fiestaод 13.100 до 20.000 евра
Volkswagen Poloод 15.435 до 20.497 евра

Погледнете ја нашата галерија:

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close