fbpx

Škoda го подготвува уникатниот модел Slavia

Студентите од академијата на Škoda развиваат Spider верзија на моделот Scala, a овој проект сега го доби и своето име - Slavia

Škoda уште во март го најави премиерното прикажување на новиот концепт за чиј развој беа задолжени студентите во академијата на чешката компанија. Станува збор за Spider автомобил кој ќе претставува уникат и ќе биде базиран на архитектурата на Škoda Scala хечбек варијантата.

Премиерата првично беше закажана за минатиот месец, но поради здравствената криза, настанот мораше да биде одложен. Во меѓувреме, Škoda го објави името на својот изложбен автомобил, а овој Spider ќе го понесе името Škoda Slavia.

Slavia

Името воопшто не е случајно и има цврста позадина. Имено, основачите на Škoda, Вацлав Лаурин и Вацлав Клемент започнале со заедничка работа пред 125 години. Тие поправале и подоцна продавале велосипеди под името Slavia. Токму во нивна чест и по повод 125-годишнината на Škoda, студентскиот проект го понесе токму ова име.

Ова ќе биде седмиот концептен автомобил кој ќе биде дело на студентите во академијата базирана во Млада Болеслав, а во моментов на Škoda Scala Spider работи тим од 20 студенти под водство на шефот на дизајн Оливер Стефани. Притоа, тимот за време на проектот е советуван и од страна на инженерите на Škoda.

Инаку, Škoda Scala се појави кон крајот на 2018 година, а ова е прв пат хечбекот да се користи како база за студентски проект. Студентите ја добија стандардната верзија на автомобилот и целосната слобода да го променат дизајнот и да го прилагодат по свои замисли и желби. Откако одлучија да направат Spider верзија, фокусот се насочи кон тоа линиите да бидат поистакнати со цел да се добие дополнителна „визуелна динамика“.

Како и да е, премиерата на моделот Škoda Scala Slavia ќе се случи за три недели, а треба да се напомене дека моделот нема да добие своја сериска изведба.

Поврзани вести

Back to top button