Škoda го претстави новиот Kodiaq
Новата генерација на Škoda Kodiaq е подолга од својот претходник и за првпат доаѓа со plug-in хибриден погон како опција
Škoda ја претстави новата генерација на нивниот трет најпродаван модел и еден од најпопуларните SUV модели во Европа – Kodiaq, кој ќе биде достапен во варијанти со 5 и 7 седишта.
Водечкиот SUV на чешката марка е поголем и попростран во споредба со неговиот претходник, со препознатлив стил и нова технологија. Погонската група вклучува опции за бензин, дизел, благ хибрид и plug-in хибрид, при што последниот генерира 204 КС и обезбедува над 100 километри опсег на движење на струја.
Слично на повеќето нејзини основни модели, Škoda усвои еволутивен пристап кон дизајнот на моделот од втората генерација, кој ќе им изгледа препознатливо на сопствениците на актуелниот Kodiaq. Додека надворешноста задржува одредени стилски знаци и пропорции од претходната итерација, SUV моделот добива поостар изглед, благодарение на новите елементи од дизајнерскиот јазик „Modern Solid“ на брендот, мотив што ќе опстојува кај сите модели во остатокот од деценијата. Овие ажурирања опфаќаат почиста површина на каросеријата и современи карактеристики како што се целосните LED Matrix фарови обработени со „Crystallinium“ финиш.
Очигледно под влијание на електричниот Enyaq, ентериерот на новиот Kodiaq се одликува со модерен и минималистички дизајн. Контролната табла има 12,9-инчен екран на допир за инфозабавниот систем, надополнет со виртуелниот кокпит од 10,25 инчи и head-up екран. За среќа, дизајнерите на Škoda постигнаа рамнотежа помеѓу дигиталните и мануелните контроли со задржување на некои физички контроли на контролната табла.
Рачката на DSG менувачот се префрли на управувачкиот столб, ослободувајќи повеќе простор на централниот тунел за складирање. Меѓу препознатливите карактеристики на Simply Clever има нова преграда за складирање за патниците на задната клупа, двојна телефонска кутија за полнење со ладење, чистсач за екранот, заштитници на рабовите на вратата, флексибилен елемент на багажникот, стругалка за мраз и чадор кој е интегриран во возачката врата и сега е направен од одржливи материјали.
Поголема пространост
Новиот Kodiaq е долг 4.758 милиметри, широк е 1.864 мм и висок 1.657 мм со меѓуоскино растојание од 2.791 милиметри. Ова го прави 61 мм подолг од првата генерација и 110 мм подолг од целосно електричната Škoda Enyaq.
И покрај фактот што актуелниот Kodiaq веќе важеше за еден од најпространите SUV возила во својот сегмент и ценовен опсег, Škoda дополнително го зголеми внатрешниот простор на новата генерација. Поконкретно, големината на багажникот е 75 литри поголем од претходно, што резултира со импресивни 920 литри во стандардниот модел со пет седишта или помеѓу 340-845 литри во варијантата со седум седишта. Просторот за глава во опционалниот трет ред е зголемен за 15 мм и сега изнесува 920 милиметри, додека седиштата од вториот ред може да се поместуваат.
Бензин, дизел, благ хибрид и PHEV
Исто како и механички поврзаниот Superb, новиот Kodiaq ќе вози на подобрена верзија на MQB архитектурата, задржувајќи ги погонските агрегати со бензин и дизел, притоа додавајќи благи хибридни и plug-in хибридни опции. Врвот на гамата е PHEV, со мотор 1.5 TSI Evo 2 со еден електричен мотор за комбинирана моќност од 204 КС. Батеријата со великодушна големина од 25,7 kWh нуди електричен досег од над 100 километри и поддржува до 50 kW DC брзо полнење. Моќта се пренесува исклучиво на предната оска преку 6-степен DSG автоматик, па оние на кои им треба AWD ќе мора да се држат до неелектрифицираните модели 2.0 TSI и 2.0 TDI.
Škoda веќе продаде 792.000 примероци од Kodiaq во 60 различни земји, вклучително и Кина, која е најголемиот пазар за овој модел пред Германија, Велика Британија и Чешка. Производителот на автомобили се надева дека втората генерација ќе продолжи на сличен начин. Škoda во 2026 година ќе претстави уште поголем SUV со седум седишта со целосно електричен погон, кој ќе се продава заедно со Kodiaq.