fbpx

Škoda со нов тизер и нови детали за престојниот Enyaq iV

Дизајнерскиот оддел на Škoda објави нови тизери, а сега во фокусот се предните и задни светлосни групи на електричниот кросовер Enyaq iV

Škoda го подготвува својот прв целосно електричен автомобил за лансирањето. Enyaq iV кросоверот ќе го забележи своето официјално деби на 1 септември, поради што чешката компанија започна и тизер кампања, па по скиците на екстериерот и ентериерот пристигнуваат нови цртежи каде сега во фокусот се предните и задните светлосни групи на електричниот SUV.

Електричниот кросовер ќе се одликува со врвна LED Matrix технологија. Предните светла се со инкорпорирани LED DRL и остар стајлинг, кој се рефлектира и на задните светла. Светлосните групи на електричниот кросовер влечат инспирација од Kamiq кросоверот и Octavia хечбекот, а тизер фотографиите кои ги објавува Škoda јасно покажуваат дека Enyaq iV во голема мерка е инспириран од концептот Vision iV.

Enyaq

„Дизајнот на светлата на Enyaq iV е привлечен и пријателски. Прецизните линии, геометрискиот аранжман и особено сјајните стаклени површини ќе го шармираат секое око, а новите детали се очигледни од секој агол на набљудување и во околности на промена на светлата“, изјави Петр Неврела, шефот на екстериерниот светлосен дизајн на Škoda.

Од Škoda овој пристап го нарекуваат Crystal Lighting, а истиот пристап е применет и во дизајнирањето на задните светла. Но, најновиот тизер овозможува почист преглед и на други аспекти исто така. Тоа се решетката со хромирана рамка, остриот стајлинг на браникот и агресивните линии на хаубата, како и Škoda буквите во средината на задниот дел.

Од Škoda велат дека главната разлика помеѓу кабината на Enyaq и конвенционалните модели е селекцијата на материјали. Електричниот автомобил ќе користи поприродни, рециклирани и издржливи материјали. Тоа пред сѐ се однесува на рециклираната PET пластика од шишиња за прекривките на седиштата. Но, исто така, кожните делови ќе бидат обоени користејќи екстракти од маслиново дрво, наместо традиционалните хемиски компоненти.

Škoda Enyaq iV ќе се најде во продажба во 2021 година. Тој ќе претставува првиот електричен автомобил на компанијата кој е базиран на новата MEB платформа на Volkswagen групацијата. Автомобилот ќе биде достапен со три различни батериски пакети. Купувачите ќе можат да изберат верзија со погон на задните или сите четири тркала, а моќноста, зависно од опциите, ќе варира од 146 до 306 КС. Варијантата со најдолг домет ќе има автономија на движење од 500 километри. Базичната верзија ќе може да патува 340 километри со едно полнење.

Поврзани вести

Back to top button