fbpx

Škoda сподели фотографии и детали за новиот Enyaq Coupe

Една година по дебито на Enyaq iV, првиот целосно електричен модел, Škoda се подготвува за лансирањето на Coupe варијантата

Škoda Enyaq кон почетокот на 2022 година ќе ја добие својата Coupe варијанта, која пристигнува со поаеродинамичен и постилски изглед благодарение на опаѓачката покривна линија. По тој повод, Škoda објави серија на фотографии од камуфлиран прототип заедно со неколку официјални информации за престојниот ЕВ.

Очекувано, предниот дел ќе биде ист како и кај „обичниот“ Enyaq iV се до B-столбот. Сепак, задниот дел е целосно редизајниран, со форма инспирирана од Vision iV концептот од 2019 година. Она што е интересно е дека дизајнерите на Škoda не се ограничија само во засекот на задното стакло, туку креираа нагласена опаѓачка покривна линија со стсандарден панорамски сончев покрив.

Škoda Enyaq Coupe

Кога станува збор за димензиите, Enyaq Coupe iV ќе биде долг 4,653 милиметри, 1.879 милиметри широк и 1.617 милиметри висок. Тоа значи дека ќе биде 4 милиметри пократок и 1 милиметар повисок од Enyaq iV, а притоа ја задржува истата ширина и меѓуосовинското растојание од 2,765 милиметри. Моделот ќе биде достапен со тркала со големина од 19 до 21 инчи, опционални Full-LED Matrix предни светла и опционални Full-LED задни светла, како и опционалната Crystal Face, односно осветлената решетка.

Škoda Enyaq Coupe

Благодарение на купе пристапот, Enyaq Coupe iV кој е базиран на MEB платформата е поаеродинамичен од Enyaq iV, одликувајќи се со коефициент на отпор од 0.247 cd наместо 0.27 cd. Ова овозможува поголем опсег на движење кое кај варијантата опремена со поголемата 82 kWh батерија надминува 534 километри. За споредба, истата верзија на Enyaq iV има опсег од 510 километри, што покажува колку аеродинамичноста влијае на ефикасноста.

Три верзии во понудата

Škoda Enyaq Coupe iV ќе биде достапен со две големини на батериите и три нивоа на моќност со погон на задните или сите четири тркала. Тоа значи дека ќе ги нема базичните варијанти на Enyaq iV со што ќе ја напаѓа премиум групата на купувачи.

Enyaq Coupe iV 60 со погон на задните тркала ќе има еден електромотор кој испорачува 179 КС и 310 Nm вртежен момент и 62 kWh батерија. Enyaq Coupe iV 80 добива помоќен заден мотор кој испорачува 204 КС и 310 Nm, заедно со поголема 82 kWh батерија која ќе нуди 534 километри опсег. На крајот, тука е Enyaq Coupe iV 80x со погон на сите четири тркала и два електромотори кои испорачуваат вкупно 265 КС и 425 Nm, опремен со поголемата 82 kWh батерија.

Ентериерот ќе биде пресликан од Enyaq iV со истиот 13-инчен инфозабавен екран, 5,3-инчен дигитален инструмент кластер, опционален head-up екран со проширена реалност, LED амбиентално осветлување, мултифункционален управувач и „лебдечка“ централна конзола. Design Selections кабината која вклучува Loft (сива/црна), Lodge (40 проценти нова волна и 60 проценти полиестер), ecoSuite (кожа во боја на коњак) се инспирирани од модерните опкружувања за живот.

Škoda вели дека Enyaq Coupe iV и покрај својот стајлинг и понатаму е соодветен за семејства нудејќи голема пространост за до пет лица и капацитет на багажникот од 570 литри. Повеќе информации за новиот кросовер на Škoda ќе бидат објавени како што ќе се наближува датумот на лансирање кон почетокот на 2022 година.

Поврзани вести

Back to top button