Првични проценки: Производството во 2020 ќе опадне за 20 проценти

Пандемијата на коронавирусот, како и глобалната економска криза предизвикана од Covid-19 ќе придонесе за голем пад на автомобилската индустрија

Иако месецов се очекува повеќето автомобилски фабрики повторно да се отворат и да го обноват производството, тоа сепак нема да биде доволно за автомобилската индустрија да се опорави целосно од катастрофалните претходни два месеци. Некои производители ќе бидат помалку, а некои повеќе погодени, но според прогнозата која ја изнесе LMC Automotive, 2020 година ќе биде завршена со околу 71 милион произведени автомобили, што претставува пад од 20 проценти во споредба со 2019 година.

Производството на автомобили претрпе поголеми штети во Европа, отколку во Кина, па така во фабриките на производителите кои се наоѓаат на европско тло, во април биле произведени 90 проценти помалку автомобили во однос на истиот месец во 2019 година.

Од друга страна, прекинот на производството на автомобили траеше нешто пократко во Кина и во главно ја погоди провинцијата Хубеи каде што се наоѓаше жариштето на епидемијата на новиот коронавирус во оваа земја.

Се проценува дека поради прекинот на работата, глобалната стапка на искористеност на погоните од фабриките ќе опадне за 14 проценти во 2020 година, од нешто повеќе од 60 проценти на 46.

Сите производители ќе забележат пад на производството

Се предвидува и дека најголемиот пад на производството во Европа во оваа година, предизвикано од пандемијата на коронавирусот, ќе претрпат FCA, Renault-Nissan и PSA групациите. FCA би требало да доживее пад од 29 проценти во 2020 година, Renault-Nissan пад од 25 проценти, додека PSA групацијата ќе забележи пад на производството од 24 проценти, како последица на Covid-19.

Кога станува збор за останатите големи автомобилски компании, годишниот пад на производството на Ford ќе изнесува околу 23 проценти, на Honda 22 проценти, а на Suzuki дури 33 проценти. Меѓу оние компании за кои се проценува дека подобро ќе го амортизираат принудниот прекин на работата во фабриките се кинески SAIC на кого му се предвидува пад од 15 проценти, идентично како и GM, Hyundai со пад од 16 проценти, BMW со 18 проценти, Volkswagen групацијата со 18 проценти, Daimler со 19 и Toyota со пад од 20 проценти на производството.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close