fbpx

SsangYong подготви драстично освежување за Rexton

Корејскиот производител SsangYong го најави освежениот Rexton за 2021 година кој пристигнува со драстично променет дизајн

SUV знаменосецот во поставата на SsangYong, моделот Rexton, доби значително ажурирање за моделската година 2021. Она што веднаш е забележливо е новата предна решетка која прави Rexton да изгледа уште покарактеристично во однос на својот претходник. Новата предница е воедно и најголемата промена на екстериерот кај големиот SUV.

SsangYong Rexton

Сепак, промените не се само козметички. Подобрувања се направени и под хаубата. Дизел моторот на SsangYong со запремнина од 2,2 литри сега испорачува 202 КС и 441 Nm, што е зголемување во однос на оние 180 КС и 420 Nm кои беа на сила пред фејслифтот.

Променет е и менувачот, па така наместо досегашниот кој го набавуваше од Mercedes, SsangYong инсталираше нов осумстепен автоматски менувач од Hyundai Transys. Новиот менувач ги намалува нивоата на бучава, вибрации и крутост, а од SsangYong велат дека ентериерот на освежениот Rexton е еден од најтивките во класата.

SsangYong Rexton

Rexton пристигнува и во две нови нивоа на опременост. Едното ниво се одликува со двозонски клима-уред, 8-инчен екран на допир со Apple CarPlay и Android Auto, греење на управувачот обложен со кожа, како и предни седишта со електронско подесување, греење и вентилација.

Од друга страна, повисокиот трим со себе носи кожни седишта, LED магленки, поголем инфозабавен екран, амбиентално осветлување, 360-степена камера, уште повеќе безбедносна опрема и „паметна“ електронска задна врата.

На македонскиот пазар, пак, освежениот Rexton се нуди во три нивоа на опременост – Comfort, Elegance и Premium, со тоа што последните се со три реда на седишта, односно можат да превезуваат до седум патници. Почетната цена во Македонија изнесува 44.900 евра. Повеќе информации за освежениот Rexton во продажниот салон на Аутомакедонија, или на официјалниот сајт на SsangYong во нашата земја.

 

Поврзани вести

Back to top button