fbpx

SUV моделите рушат рекорди, VW и Yaris на врвот во Европа

Специјализираниот сајт Jato Dynamics ги објави продажните резултати за европскиот пазар, а според истите Toyota Yaris и Volkswagen доминираат

Во првиот месец од оваа 2021 година во Европската унија се продадени 839.525 автомобили, што е најлош почеток за годината уште од далечната 1982 година. Со ова е очигледно дека пандемијата на коронавирусот се уште го држи во заложништво европскиот пазар и дека ситуацијата е далеку од добра, а за некое посериозно опоравување во Европа ќе треба да помине подолг период. Сосема е извесно дека оваа слика ќе ја гледаме во поголемиот дел од оваа година, бидејќи пандемијата не стивнува, а сето тоа со себе си носи и свои последици.

Но, и покрај лошите продажни резултати, сепак се појавија и неколку позитивни рекорди. Имено, SUV моделите се исклучително популарни во Европа, и тоа не е ништо ново, но сепак новина е тоа што овие автомобили во јануари забележале рекордно учество во продажбата со дури 44 проценти. Само за споредба, во јануари 2020 година беа на 40 проценти, а една година претходно на 37. Сите земји членки во Европската унија остварија двоцифрен пад на регистрации на нови автомобили.

Меѓу најпопуларните брендови според Jato Dynamics за изминатиот период нема изненадување. Volkswagen е лидер со 90.651 продадени автомобили. Зад него е Renault со 61.251 регистрации, додека на третото место е Toyota со 54.336 продадени возила. На високото четврто место се најде и еден премиум производител, а станува збор за BMW. Баварскиот производител успеа да продаде 54.135 нови возила, а Топ 5 листата ја заокружува Mercedes со 49.542 продадени единици.

Кога станува збор за индивидуални модели, тука лидер е Toyota Yaris. Субкомпактниот хечбек во јануари успеал да привлече 18.094 купувачи, што е раст од 3 проценти во однос на минатата година. Зад него е адутот на Peugeot, моделот 208, кој е продаден во 17.310 единици. Третото место и припаѓа на Dacia Sandero која благодарение на новата генерација успеа да забележи раст од дури 13 проценти во споредба со минатата година. Овој пат за моделот на романскиот производител се одлучиле 15.922 купувачи.

Volkswagen Golf го држи четвртото место со 15.227 продадени автомобили. Ова претставува пад од неверојатни 42 проценти. Топ 5 листата ја затвора Opel Corsa со 14.951 продадени единици.

Поврзани вести

Back to top button