fbpx

Кризата во Европа продолжува, голем пад на продажбата во 2021

Иако многумина се надеваа дека со доаѓањето на новата година кризата ќе помине, реалноста е сепак нешто поинаква, а за тоа сведочат и продажните резултати во Европа

Почетокот на 2021 година не донесе подобрување кога станува збор за продажбата на нови автомобили во Европа. Напротив, кризата на Стариот континент продолжува, а доказ за тоа е и падот на продажбата во јануари од 26 проценти во однос на истиот месец претходната година. На територијата на Европската унија, Велика Британија и ЕФТА, вкупно се регистрирани 842.835 нови автомобили. Притоа, сите 27 членки на ЕУ во првиот месец од годината забележале двоцифрен пад на продажбата на нови возила. Ова е вкупен пад од 24 проценти во однос на минатата година, а три од четирите најголеми пазари се меѓу најпогодените, меѓу кои Шпанија (-51,5%), Германија (31,1%) и Италија (14%).

Само неколку производители успеале да дојдат до нешто поголеми испораки во јануари годинава. Тоа се Volvo, Smart, Porsche и Alpine. Шведската марка успеа да дојде до раст од 3,6 проценти, со доставени 23.859 возила. Сето тоа благодарение на одличната продажба на Recharge линијата. Smart успеал да продаде 2.590 единици што е раст од 191,3 проценти, за Porsche се одлучиле 5.594 купувачи (+0,9 проеценти), додека Alpine забележал 77 продадени возила, или раст од 18,4 проценти.

Сите останати брендови забележале минус во јануари на европскиот пазар. VW групацијата вкупно продала 214.486 автомобили, што е пад од 28,1 процент. Особено е погоден самиот Volkswagen со пад од 31,6 проценти (91.681 продадени возила). Škoda забележа пад од 21 процент со продадени 47.440 возила, додека Audi има пад од 31,2 проценти и 40.174 продадени автомобили. Seat успеал да продаде 29.153 нови автомобили, а тоа е пад од 26,7 проценти.

Европа 2021

Ништо подобро не поминаа ниту брендовите од Stellantis групацијата. Peugeot продал 60.885 возила (-18,1%), Opel 33.893 (-33,5%), Fiat запишал 33.554 нови регистрации (28,6%), а Citroen продал 31.970 нови возила (-37%). Jeep успеа да одржи мал пад на продажбата од -14% (9.349). Alfa Romeo, пак, продал само 1.812 возила со пад на продажбата од 46,7 проценти.

Renault групацијата оствари минус од 22,9 проценти и вкупно дојде до 77.561 продаден автомобил. Renault има пад од 28,2% и доставени 48.641 нови автомобили, а Dacia има скромен пад од 12% и 28.781 регистрации. BMW групацијата успеа да продаде 64.077 нови возила, а тоа е пад од 16,8 проценти. Од тоа, BMW продал 53.764 нови автомобили што е пад од 16,3 проценти, додека нешто поголем пад забележа Mini со 19,4 проценти и вкупно 10.313 испораки.

Hyundai на територијата на Европа во јануари 2021 продал 28.430 автомобили, што е пад од 31,8 проценти. Од друга страна, Kia има далеку подобар резултат со пад од само 10,4 проценти и 33.971 нови регистрации. Ниту Toyota не успеа да го избегне трендот на пад на продажбата во Европа. Јапонскиот гигант успеа да продаде 54.405 возила, што е пад од 19,1 процент во однос на јануари 2020 година. Mercedes во првиот месец од годината успеал да продаде 50.746 автомобили (-20,8%).

Ford исто така забележал драстичен пад од 26,2 проценти со продадени 46.185 автомобили, а ништо подобро не поминаа ниту Nissan со пад на продажбата од 39,5%, Honda 55,9%, Mitsubishi 63,5% и Mazdza 38,8%.

Поврзани вести

Back to top button