Suzuki го претстави новиот S-Cross
Јапонскиот производител Suzuki ја претстави новата генерација на S-Cross, својот адут во мошне конкурентната класа на мали кросовери
Оригинално претставен во 2006 година, моделот од B-сегментот на Suzuki сега влегува во својата трета генерација, а за разлика од претходно, суфиксот SX4 заминува во историјата, па отсега моделот ќе се нарекува само S-Cross. Во исклучително конкурентната класа на возила, моделот на Suzuki незаслужено беше по малку и запоставуван во минатото, а јапонскиот производител со новиот одважен изглед кој го подготви за S-Cross одлучи да го промени сето тоа.
Новата генерација пристигнува со позрел изглед и робустен дизајн со цел да се комплементира со неговиот систем за погон на сите четири тркала. Новиот S-Cross добива голема пијано црна предна решетка која е обиколена од новите LED фарови кои придонесуваат за севкупниот модерен изглед. Нагласените сводови над тркалата со пластичната заштитна облога во црно, исто така придонесуваат за „оф-роуд“ и авантуристички изглед во однос на претходникот.
Значителни промени се направени и на задниот дел со оглед на тоа дека Suzuki S-Cross сега добива задни светла кои се многу пошироки во однос на претходниот модел. Дизајнерите исто така го променија и браникот за да се акцентира природата на кросоверот, а тука е се и заштитните плочи за подвозјето на предниот и задниот дел. Иако станува збор за модел кој подобро се снаоѓа на градските улици и патиштата, сепак сега делува многу поспособно во однос на моделот кој го заменува.
Пристигнува до крајот на годинава
Во однос на димензиите, нема никакви промени. S-Cross ја задржува должината од 4.300 милиметри, но од Suzuki ветуваат многу поголем комфор во ентериерот за патниците. Кога станува збор за внатрешноста, на централната конзола се наоѓа новиот, 9-инчен екран на допир наменет за инфозабавата и доаѓа со поскапите Ultra модели. Оваа верзија добива и сателитска навигација, кожни седишта и панорамски сочнев покрив. Motion верзијата добива 7-инчен екран, но и греење на седиштата, двозонски клима-уред, LED светла и бесконтактно влегување во возилото. Сите модели добиваат систем за препознавање на сообраќајни знаци, адаптивен темпомат и мониторинг на слепа точка.
Под хаубата се наоѓа 1,4-литарскиот турбо бензински мотор опремен со блага хибридна технологија и испорачува 129 КС и 235 Nm максимален вртежен момент на предните тркала, или на сите четири ако се избере Allgrip опцијата. Моторот е позајмен од Swift Sport и спринтот од нула до „стотка“ го достигнува за 9,5 секунди, односно за 10,2 секунди во опцијата со погон на сите четири тркала. Купувачите ќе можат да бираат меѓу шестстепен мануелец или шестстепен автоматски менувач.
Новиот Suzuki S-Cross ќе се произведува во фабриката на јапонската компанија во Унгарија заедно со моделот Vitara, а продажбата во Европа ќе започне до крајот на оваа година.