fbpx

Tesla планира Model 3 во хечбек издание за Европа

Компанијата Tesla го продолжува својот пат кон освојување на пазарот и планира во својата понуда да додаде модел наменет пред се за Европа

Основачот и директор на Tesla, Елон Маск, најави нов автомобил кој веројатно ќе претставува редизајнирана и адаптирана верзија на постоечкиот Model 3, а кој примарно ќе биде наменет за европскиот пазар. Целта е да се понуди прифатлив компактен хечбек кој би привлекол внимание меѓу европските купувачи. Новиот автомобил би можел да се произведува паралелно со седанот во новата фабрика која ќе се изгради во Германија.

Иако Tesla е синоним за електрични автомобили, моделите на оваа марка имаат висока цена, но очигледно е дека Маск има план за да направи и попристапни возила за купувачите. Обраќајќи им се на инвеститорите и аналитичарите, Маск истакнал дека неговата компанија „нема да успее во својата мисија ако не произведува прифатливи автомобили“. Тој исто така додал дека автомобилите на Tesla во моментов немаат таков статус меѓу купувачите и дека тоа мора да се реши.

Новиот модел најверојатно нема да пристигне во брзо време, бидејќи Tesla допрва треба да започне со производство на камионот Semi, суперавтомобилот Roadster и пикап камионетот Cybertruck. Сепак, тој поприфатлив модел ќе и овозможи на Tesla да има ривал на Volkswagen ID.3, но и на другите мали градски електрични автомобили кои се се попопуларни во Европа, што може да биде од клучно значење за американската компанија.

Наводно, желбата е Model 3 во хеч издание да има почетна цена од 30-тина илјади евра и тоа за верзија со батерија од 45 kWh. Инаку, германската фабрика каде што би се произведувала хечбек верзијата на Tesla Model 3 ќе биде подготвена за производство во јули 2021 година.

Поврзани вести

Back to top button