Tesla подготвува уште еден пикап покрај Cybertruck
Американскиот производител на електрични автомобили ја разгледува можноста за пласирање на уште еден пикап модел на пазарот
Со своето појавување Tesla Cybertruck привлече огромно внимание и ја шокираше целата јавност со својот изглед. Уште поголем шок и изненадување претставуваше моментот кога започнаа да пристигнуваат стотици илјади нарачки за контроверзниот електричен пикап.
Првиот човек на Tesla, Елон Маск, досега во повеќе наврати зборуваше за големината на Cybertruck. Според најавите, иницијално овој автомобил би требало да биде за 5 проценти помал од прототипот, односно да има помали димензии. Но, изгледа дека од намалувањето на моделот се откажуваат од компанијата, бидејќи Маск на Twitter истакна дека по консултациите со Франц фон Холшауцен, шефот на дизајн во Tesla, одлучил дека Cybertruck има соодветна големина и дека помалите димензии нема да му прилегаат добро.
Освен тоа, Маск истакна дека во еден момент веројатно Tesla ќе понуди и помал пикап, за оние луѓе кои бараат возило со покомпактни димензии. Тоа особено се однесува на европскиот пазар, каде што димензиите на актуелниот Cybertruck не се соодветни за европскиот купувач, а освен тоа, автомобилот ќе мора да мине и низ неколку промени на каросеријата поради тоа што не е прилагоден за европските регулативи и патишта.
Шефот на Tesla најави дека сериската варијанта на Cybertruck ќе биде поинаква од концептуалното издание кое беше претставено. „Отсекогаш ме нервирало кога производителите ќе прикажат некој супер концептуален автомобил и потоа кога ќе пристигне сериската верзија, автомобилот изгледа ужасно“, изјави Маск.